БИБЛИОТЕКА

Image descriptionРазвојот на Институтот за биологија беше проследен и со постојано обновување и збогатување на книжниот фонд на библиотеката. До 1956 година, во средувањето и евидентирањето на библиотечниот фонд учествуваа лаборанти и асистенти од Институтот за биологија. Во 1956 година е назначен книжничар, кој по пензионирањето (во 1976 година) е заменет со библиотекар. Библиотекарот Петкана Тодоровска, дипломиран биолог, во текот на целиот свој работен век, до пензионирањето во 2005 година, даде голем придонес во одржувањето на библиотечниот фонд и во воспоставувањето контакти со други библиотеки од земјата и од странство. Во оваа јубилејна година, библиотеката располага со 12062 книги и 838 наслови на домашни и странски списанија. Исто така, располага и со бројни монографии, книги, скрипти, практикуми и други помагала од областите на студиските групи на Институтот за биологија, напишани од академскиот кадар.

Во библиотеката се наоѓаат и примероци од сите досега одбранети дипломски работи, специјалистички трудови, магистерски работи и докторски дисертации на Институтот за биологија. Збогатувањето на библиотечниот фонд се одвиваше со купување книги и со претплата на списанија, а добар дел и преку размена за Годишниот зборник - Биологија (од 2005 г. Biologia Macedonica). Имено, преку оваа размена досега се добиени над 600 книги и повеќе од 400 наслови на списанија. Треба да се напомене дека фондот на библиотеката располага со книги и списанија кои се набавени одамна. Ова е резултат на тоа што пред 30-тина години Институтот за биологија беше претплатен на повеќе од 70 научни списанија, а денес таа бројка е минимална. За разлика од пред дваесет години, кога размената се вршеше со повеќе од 400 научни институции, денес, за жал, оваа размена се врши со само 158, од кои 146 се од странство.

Тоа се: Австралија (2), Австрија (6), Англија (6), Белгија (3), Германија (7), Грција (3), Данска (3), Индија (1), Индонезија (1), Ирска (1), Италија (7), Јапонија (1), Канада (1), Кенија (1), Кина (1), Луксембург (1), Мароко (1), Португалија (4), Полска (7), Русија (4), Романија (3), Србија (8), Словенија (4), САД (1), Турција (2), Унгарија (6), Финска (2), Франција (7), Холандија (3), Хрватска (5), Чешка и Словачка (7), Шведска (6), Швајцарија (9), Шпанија (4). Мошне значајно е да се наведе дека, како резултат на континуираната соработка на Миколошката лабораторија со германската фондација Deutschen Forschungsgemeinschaft, за потребите на библиотеката на Институтот се донирани над дваесет наслови од современата миколошка литература, како и литература од другите гранки на биологијата.