БОТАНИЧКА ГРАДИНА

РАЗВОЈ НА БОТАНИЧКАТА ГРАДИНА
Ботаничката градина се наоѓа во состав на Ботаничкиот завод на Институтот за биологија при Природно – математичкиот факултет во Скопје. Иницијативните активности поврзани со ботаничката градина датираат од 1948 година, кога по барање на Катедрата по биологија Управата на градскиот парк во Скопје отстапила простор за нејзино формирање. Покасно, 1951 година, со оградувањето на околу 14 ха земјиште, се зацртуваат границите на просторот наменет за ботаничката градина. Во оградениот простор истата година се изградува и првиот објект наменет како стакленик за одржување на тропска и субтропска растителност, одгледување и репродукција на садници за сакциски растенија, потребни за поквалитетна реализација на практичната настава од повеќе ботанички дисциплини.

Во наредниот период, врз основа на проектите изработени од Valdemar Ballei (1956), Драган Шолјевски (1958) и Раде Дренковски (1964) се превземани активности кои придонесле за просторното уредување и за формирањето на систематските полиња во ботаничката градина. Меѓутоа, од 1967 година се пристапува кон уредување на еколошко-фитогеографскиот дел на градината на површина од околу еден хектар и оформување на систематско поле од Coniferophyta на површина од околу два хектари. Работите околу нивното дефинитивно формирање се завршени во текот на 1972 година, паралелно со градбата на двете езерца што се лоцирани во кругот на ботаничката градина. Главен акцент во работата на ботаничката градина во периодот од 1972 до 1975 година е даден на формирањето на систематските полиња од Magnoliales, Hamamelidales, Fagales, Rosales и Fabales.

Покрај активностите што биле превземени во поглед на уредување на просторот, во овој период се изградуваат уште два стакленика во функција на научноистражувачката работа од областа на екологијата и физиологијата на растенијата. Паралелно со работите за просторното уредување и изградба на одделни објекти, во периодот од 1970 до 1989 година се оформува семенската збирка и започнува издавањето на Delectus seminum, кои, преку размена на семенски и жив материјал, во голема мера придонесоа да се воспостави соработка со бројни ботанички градини ширум светот. Врз основа на усвоената програма за ревитализација на ботаничката градина од 1998 година до денес, извршена е санација и реконструкција на постоечките стакленици и тумбазите, оформени се нови простори наменети за научноистражувачка работа, изграден е современ ладилник, како и нов објект за аклиматизација, одгледување и репродукција на ендемични, реликтни, ретки и лековити растенија од флората на Република Македонија.

Ботаничката градина претставува единствен објект од ваков вид во градот Скопје и пошироко во Република Македонија. Со својата дејност и местоположба таа постепено прераснува во значајна институција од наставно - научен, едукативен, културен и рекреативен карактер. Таа треба да претставува простор кој што со почитување, радост и задоволство, ќе биде посетуван од бројни вљубеници во природата, студенти, ученици, ботаничари, како од Македонија, така и од надвор.

ДЕЈНОСТИ НА БОТАНИЧКАТА ГРАДИНА
Наставно-научна дејност
Во ботаничката градина можат да се сретнат многу растителни видови, пред сî од дендрофлората, која е застапена со околу 200 видови со различно географско потекло, а не е мал бројот и на автохтоните и алохтоните тревести видови, организирани во посебни систематски полиња. Големиот број на растителни видови овозможува одлични услови за нагледна настава од бројни ботанички дисциплини како за студентите, така и за учениците од основното и средното образование. Во ботаничката градина се одржува растителен материјал кој се користи при изведувањето на практичната настава за студентите од Институтот за биологија, медицинскиот и стоматолошкиот факултет, како и од интердисциплинарните студии по заштита на животната средина. Од посебно значење се можностите кои градината ги дава за изведување на експериментални работи во функција на дипломски и магистерски работи, како и докторски дисертации.

Интродукција и аклиматизација на растителни видови
Во изминатиот период на просторот на Ботаничката градина извршена е интродукција и аклиматизација на околу 200 дрвенести и грмушести видови, како и на над 300 автохтони и алохтони тревести растенија, кои се по потекло од различни делови на Балканскиот Полуостров, Европа и други делови на светот. Дел од нив успешно се аклиматизирани на отворени простори во систематските полиња на Ботаничката градина, додека збирката на тропски, субтропски, пустински или полупустински растенија (палми, кактуси и други сукулентни растенија) се одржува во реновираниот стакленик. Заради обезбедување на подобри услови за интродукција и аклиматизација, во текот на 2000 година изграден е нов современ ладилник, во кој, во текот на летните месеци се пренесуваат растителните видови кои што се одржуваат во стакленикот. Дел од ладилникот перманентно се користи за аклиматизација на растителни видови кои потекнуваат од природни станишта од територијата на Република Македонија, а во функција на реализација на програмата за работа на Ботаничката градина, како и на постоечките научно-истражувачки проекти, кои се реализираат на Институтот за биологија.