ХЕРБАР

Институтот за биологија на ПМФ - Скопје располага со богат Хербариум, во кој се депонирани повеќе од 171.500 хербарски ексикати од флората на вишите растенија на Република Македонија, од други делови на Балканскиот Полуостров и пошироко. Тоа е најголема хербарска збирка во нашата држава која што има национално значење. Неодамна хербариумот беше регистриран како Македонски Национален Хербариум со код (MKNH), со што се здоби со меѓународна легитимност. Од особено значење е депонирањето на 122 холотипски примероци на видови кои се опишани од Република Македонија. Со оформувањето на Македонскиот Национален Хербариум е започнато скоро пред 50 години, а одржувањето, збогатувањето и заштитата претставуваат постојана грижа на Институтот за биологија. Значењето на овој наш национален хербариум е огромно, како од научен, така и од едукативен аспект, бидејки на едно место е документиран целокупниот флористички диверзитет со кој располага нашата држава, а во истиот се депонирани и хербариумски материјали од другите делови на Балканскиот Полуостров и Европа, до кои се доаѓа по пат на размена.

Со тек на време Македонскиот Национален Хербариум значително се обогати, прошири и прерасна во богата збирка, без која не би можела да се замисли работата врз проекти од областа на флористиката и вегетацијата на територијата на Република Македонија, бидејќи претставува вистинска ризница на компаративен хербарски материјал и хербарски материјал за проучувања. Покрај тоа, тој е неопходна основа и за било кој проект што е врзан со мониторинг и заштита на флористичкиот диверзитет во Македонија. Секако, треба да се има предвид и тоа дека хербариумите на одреден начин претставуваат и индикатор за културните, научните и цивилизациските дострели на една нација и општество. Македонскиот Национален Хербариум се одржува благодарение само на ентузијазмот на неколку вработени на Институтот за биологија, кои што покрај останатите професионални обврски, се грижат за неговиот понатамошен развој, одржување и заштита.