Колекција на безрбетници

Во рамките на Институтот за биологија постои богата колекција на безрбетници, главно на инсекатски групи, која е во фаза на официјално регистрирање под името Македонска Национална Колекција на Безрбетници. Збирката опфаќа примероци на акватични и копнени инвертебрати, главно еднодневки, пролетници, водени молци, тркачи, пеперутки, мушички, црви. По Втората Светска Војна се интензивираат ентомолошките истражувања од страна на домашната научна јавност, со кое се воспоставува оваа, денес импозантна колекција. Во овој период најголем придонес во колекционирање на материјали од голем број локалитети од цела Македонија, како и во изработка на трајни препарати имаат проф. д-р Петар Икономов, проф. д-р Јонче Шапкарев, проф. д-р Марина Георгиевска, проф. д-р Билјана Караман и проф. д-р Петар Ангеловски.

Во процесот на збогатување на збирката на безрбетници, особено значење имаат материјалите колекционирани од Охридското Езеро, реката Брегалница, високо-планинските потоци и реки, планините Осогово, Беласица и др., како и од градот Скопје и неговата околина, од страна на проф. д-р Стое Смиљков, проф. д-р Дана Прелиќ, проф. д-р Славчо Христовски, м-р Валентина Славевска-Стаменковиќ и м-р Александра Цветковска-Ѓорѓиевска. Материјалот во колекцијата на безрбетници е соодветно етикетиран, со запис на името на видот, локалитетот и времето на колекционирање. Податоците за идентификуваните видови се внесени во базата за податоци. Постоењето на оваа богата колекција на безрбетници, како и нејзиното постојано зголемување, имаат големо значење во процесот на осознавање на разнообразието на безрбетници со кое изобилува Република Македонија. Бројот на познати/нови видови за нашата земја постојано расте и истите се депонирани во оваа збирка.