Миколошка збирка

Миколошката лабораторија работи од 2000 година. Во јуни 2001 година со донација од KFOR Liaison Press Centre од Скопје е реновиран стариот објект на Ботаничката градина и за потребите на Институтот е пренаменет во Миколошка лабораторија и фунгариум. Истата година од страна на DLR Internationales Büro од Бон, Германија е обезбедена помош во форма на материјално-технички средства, реагенси и литература со што е оформена модерна специјализирана миколошка лабораторија на Институтот за биологија. Во Миколошката лабораторија е сместена единствената Национална колекција на габи во Република Македонија, официјално регистрирана со меѓународен код MCF (Macedonian collection of Fungi). Во неа континуирано се одржува и дополнува збирка на габи (фунгариум) со повеќе од 20.000 примероци и база на податоци (MAC FUNGI) со околу 30.000 миколошки податоци. При колекција на материјалот се собираат плодни тела на габи во сите фази на развој и се бележат следниве податоци: име на видот (по потреба и таксономска категорија кај различни видови), супстрат, заедница, прецизен локалитет, географски координати со помош на GPS-апарат, фотографирање на плодното тело и на стаништето. Сите податоци од теренските истражувања се внесуваат во базата на податоци (MAC FUNGI). Плодните тела се презервираат со сушење на сушилник, а сувите примероци се пакуваат во пластични кеси, вакуумски затворени, а потоа во хартиени кеси на кои се наведени потребните податоци. Потоа видовите се чуваат во замрзнувач на температура од околу -20 оC во период од 10-15 дена.

Сите досега собрани примероци и како и примероци добиени од размена со други институции и збирки се наоѓаат во Национална колекција на габи во Република Македонија. Во рамките на Национална колекција на габи во Република Македонија се вршат истражувања за микодиверзитетот на одредени подрачја од Република Македонија, како и еко-таксономските карактеристики на одредени систематски групи. Исто така, се имплементираат научно-истражувачки проекти за квалитативни и квантитативни истражувања на диверзитетот на габите на Балканскиот Полуостров и пошироко, нивна заштита, мониторинг и картирање, изработка на црвени листи и заштитени подрачја на габи, идентификација на хумани мицетизми, како и бројни едукативни проекти за популаризација на одржливото собирање и препознавањето на отровните габи за локалното население. Национална колекција на габи во Република Македонија има развиено интензивна меѓународна соработка со други институти, организации и збирки, како: Филипсовиот Универзитет во Марбург, Германија; Институтот за хемија на дрвото во Рига, Латвија; Факултетот за природни науки при Селџук Универзитет во Конја, Турција; Институтот за шумарство на Република Словенија; Институтот „Руѓер Бошковиќ“, Загреб, Хрватска и други. Како резултат на постојаната соработка во Национална колекција на габи во Република Македонија гостувале бројни познати истражувачи особено од областа на микологијата. Национална колекција на габи во Република Македонија има континуирана соработка со германската фондација Deutschen Forschungsgemeinschaft, која за потребите на библиотеката на Институтот има донирано повеќе наслови на современа миколошка литература, како и литература од другите гранки на биологија. Национална колекција на габи во Република Македонија располага со неопходна опрема и стручна литература, обезбедени главно од донации, за изведување на современа наставна и истражувачка работа.