НАСТАВНА ДЕЈНОСТ

Image descriptionРеализацијата на својата наставна дејност, Институтот за биологија ја започна со изведување настава на студиската програма - биологија во академската 1946/47 година. Во учебната 1980/81 год. беше воведена наставната насока, за формирање профил „професор по биологија“ и биохемиско-физиолошката насока, за формирање профил „инженер по биологија“. Во учебната 1994/95 година, почна изведувањето на наставата по двопредметните студии биологија-хемија, во чија реализација, покрај Институтот за биологија, учествува и Институтот за хемија. Во процесот на ревидирање на студиските програми што го спроведе Институтот за биологија во периодот од 2000 до 2002 година, покрај извршените промени во наставните планови на постојните две насоки (наставна насока и биохемиско-физиолошка), ја спроведе и постапката за отворање на еколошка насока, чија настава почна во учебната 2002/03 година. Во учебната 2008/09 година, по претходно спроведената постапка за отворање на насока по молекуларна биологија, на Институтот по биологија започна да се реализира наставата на оваа насока, на која дипломираните студенти ќе се здобијат со титула „молекуларен биолог“. Истата година, беа ревидирани програмите на постоечките насоки, при што, покрај новите предмети и содржини, беа изменети и имињата на постоечките насоки (наставната насока премина во студии по општа биологија, а биохемиско-физиолошката насока денес е позната како студии по биохемија и физиологија). Според тоа, Институтот организира настава по пет студиски групи: насока по ошта биологија, насока по биохемија и физиологија, еколошка насока, студии по молекуларна билогија и двопредметни студии биологија - хемија.

Наставата на Институтот за биологија се изведува во соработка со институтите на Природно-математичкиот факултет, како и со други факултети од земјава. Наставниот процес е организиран преку изведување на теоретска (предавања) и практична (вежби) настава, теренска настава, семинарски работи и практика по методика. Теренската настава е составен дел на студиските и на предметните програми на одделните студиски групи и претставува сукцесивно дополнување и поврзување на теоретските и практичните искуства. Во периодот од 2002 до 2004 година, следеа нови промени во студиските програми, согласно со Болоњската декларација, во насока на воведување задолжителни и изборни предметни програми, реорганизирање во изведувањето на наставата (едносеместрално следење на курсевите), воведување континуирана проверка на знаењето и примена на системот на кредити. Во академската 2004/05 година, почнаа да се реализираат студиските програми по новиот систем. Во изминатиот десетгодишен период, на Институтот за биологија дипломирале 369 студенти, со што вкупниот број дипломирани студенти-биолози од почетокот до оваа јубилејна 60-та година изнесува 1735. Во учебната 2006/07 година, на сите студиски групи на Институтот за биологија студираат 540 студенти. Покрај основната дејност за оспособување на кадри по биологија, Институтот за биологија учествува и во наставата на одредени студиски групи (насока аналитичка биохемија) на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, како и во наставниот процес на повеќе студиски групи на други факултети: на Факултетот за земјоделски науки и храна, на Шумарскиот факултет, на Медицинскиот, на Стоматолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје. Покрај редовно студирање, на Институтот за биологија во 2003 година е обновено вонредното студирање само за двопредметната студиска програма биологија-хемија.

Целта на овие студии е дооформување на образованието на лицата кои претходно имаат завршено педагошка академија. Постдипломски студии На Институтот за биологија во 1974/75 година за прв пат беа организирани постдипломски магистерски студии за две насоки: еколошко-таксономска и биохемиско-физиолошка. Овие постдипломски студии успешно се организираат и денес. Во 1996 година е воведена насоката за постдипломски магистерски студии по молекуларна биологија, а во учебната 1998/99 год. се организирани и специјалистички студии по различни биолошки дисциплини (управување на заштитени објекти во природата; екологија и заштита на 'рбетниците во Р. Македонија; систематика и анатомија на 'рбетниците во Р. Македонија; флористички, вегетациски и генетски диверзитет; микробиологија; физиологија на растенијата со култура на растителните ткива; биохемија; екофизиологија; микологија; алгологија; мониторинг на акватичните екосистеми; мониторинг на терестичките екосистеми; структура и екологија на терестичките екосистеми; генетика; нематологија). Во 2001/02 година беше извршено ревидирање на студиската програма на постдипломските студии и нивно усогласување со препораките од Болоњската конвенција. Преку постдипломските студии, кандидатите ги прошируваат знаењата од одделни биолошки дисциплини и се воведуваат во научноистражувачкиот процес. Во едукацијата на овие кадри учествуваат наставниците од Институтот за биологија, наставници од другите институти при Природно-математичкиот факултет, како и од други факултети и научни институции од земјата и од странство. Многу наставници од Институтот за биологија учествувале (а некои и денес учествуваат) во изведувањето на постдипломската настава и на други високообразовни институции во Македонија.