НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ

Image descriptionНаучноистражувачката дејност на Институтот за биологија се одвива од почетокот на неговото формирање и тоа во рамките на трите заводи (Завод за ботаника, Зоолошки завод и Завод за физиологија и биохемија), како и во Ботаничката градина. Во првите десетина години, оваа дејност се одвиваше мошне скромно и пред сé индивидуално, а во наредниот период развојот се одвиваше со систематско вклучување на млади соработници. Со првите одбранети докторски дисертации, научноистражувачката дејност на Институтот почна да се проширува и интензивира. Во тој период, оваа активност постепено почна да се одвива со тимска работа и со формирање на истражувачки групи, со што се овозможи продлабочување и проширување на истражувањата во различните области на биологијата. Финансирањето на научноистражувачката дејност во почетокот се реализираше преку издвојување средства од Факултетот, потоа преку проекти од Републичкиот фонд за наука, а по осамостојувањето на Република Македонија, финансирањето се одвива главно преку Министерството за образование и наука и Министерството за екологија и просторно планирање на Р. Македонија.

Во изминатиот период, научните истражувања на Институтот беа насочени кон проучување на биолошките структури на клеточно ниво, на ниво на организам (микроорганизми, растенија и животни), како и на ниво на популации, животни заедници и екосистеми (составот и меѓусебните односи), од различни аспекти (природни и експериментални услови, патологија). Сите овие истражувања вклучуваат како лабораториска така и теренска работа, чија цел е здобивање со научни сознанија како основа за развој на технологијата и за напредок на општеството.

Во текот на 20 век имаше мошне брз развој на природните науки. Како резултат на брзиот развој на биологијата, се јави потребата од воведување нови биолошки курсеви во наставата. Со тоа беше овозможено формирање и развивање на нови катедри во составот на постојните заводи при Институтот за биологија. Во последниве 10 години, покрај тековните проектни активности во рамките на научноистражувачката работа, за одбележување е формирањето на нови одделенија и лаборатории, со што дојде до проширување на сите видови дејности на Институтот. Во таа насока е формирањето на Македонската колекција на микроорганизми (МАКОМО) во 1998 година, со големо залагање на проф. д-р Митко Караделев. Во истата година, под раководство на проф. д-р Даница Рогановиќ-Зафирова, отворена е лабораторијата за молекуларна биологија, која со својата фундаментална и апликативна дејност (особено клиничка) има посебно значење за развојот на Институтот. Во 2000 година, како резултат на продлабочувањето на дејноста, Одделението за систематика на нижите растенија (проф. д-р Светислав Крстиќ и доц. д-р Златко Левков) се прошири со лабораторијата за хидробиологија и биотехнологија на алги, опремена за анализи на физичко-хемиските особини на водните екосистеми и за култивирање на алги. Во 2005/06 година, на иницијатива на д-р Јасмина Димитрова-Шумковска беа создадени просторни и материјални услови за формирање на фарма за одгледување на нов вид експериментални животни - хомозиготни дефициентни глувци во ендогениот аполипопротеин Е (-/-), од типот APOE-M knockout mice, кои претставуваат експериментален модел за истражувања на голем број заболувања.

Научноистражувачката дејност на Институтот за биологија во периодот од 1996 до 2006 година се базира на реализирање на научноистражувачки проекти од национален и од меѓународен карактер, со фундаментално и апликативно значење, како и на проекти со карактер на меѓународно техничка соработка и размена на искуства. Дел од активностите на оваа дејност се реализира преку партиципација на научниот кадар во други научни проекти. Оваа дејност на Институтот во последнава деценија опфаќа реализација на 96 научноистражувачки проекти (42 национални и 54 меѓународни), од кои 58 под раководство на наставниот кадар на Институтот. Резултатите од овие истражувања се публикувани во бројни научни и стручни трудови во домашни и во странски списанија, како и во многу стручни студии и елаборати.

Во последнава деценија, во Заводот за ботаника со Ботаничка градина се реализирани вкупно 61 научноистражувачки проект (13 национални и 48 меѓународни и проекти за меѓународна научно-техничка соработка), од кои 36 проекти биле под раководство на наставниот кадар од овој Завод. Одделението за систематика на вишите растенија (проф. д-р Владо Матевски и проф. д-р Митко Костадиновски) ја истражува флората и вегетацијата на Р. Македонија и на јужните делови на Балканскиот Полуостров. Одделението за анатомија, морфологија и цитогенетика (проф. д-р Живко Сековски и проф. д-р Гордана Димеска) се занимава со цитогенетиката и мутагенезата, а посебно со индуцираните мутации предизвикани од физички и од хемиски мутагени агенси кај различни растителни видови. Истражувањата на Одделението за систематика на нижите растенија (проф. д-р Светислав Крстиќ и проф. д-р Златко Левков) се насочени кон проучување на таксономијата и екологијата на дијатомејските таксони, како и кон примената на дијатомеи и други алги во биомониторингот и биоиндикацијата на водените екосистеми. Одделението за физиологија и биохемија на растенијата (проф. д-р Ленка Цветановска и доц. д-р Соња Гаџовска) го истражува секундарниот метаболизам кај in vitro култури на растителни клетки и ткива. Научните истражувања на Одделението за екологија на растенијата (проф. д-р Љупчо Меловски и доц. д-р Славчо Христовски) се фокусирани на екологијата на шумските екосистеми, како и на биолошката разновидност и нејзината заштита во Р. Македонија. Одделението за микробиологија (проф. д-р Џоко Кунгуловски и доц. д-р Наталија Атанасова-Панчевска) се занимава со воспоставување на ISO стандарди за микробиолошкиот квалитет на прехранбените производи, како и со најновите методи за изолација и проучување на најчестите контаминанти на храната. Истражувањата на Одделението за микологија (проф. д-р Митко Караделев ас. м-р Катерина Русевска) се фокусирани на биодиверзитетот на габите на Балканскиот Полуостров и пошироко.

Во изминатите 10 години, во Зоолошкиот завод се реализирани вкупно 21 научноистражувачки проекти (17 национални и 4 меѓународни и проекти за меѓународна научно-техничка соработка), од кои 8 проекти под раководство на наставниот кадар од овој Завод. На Одделението за морфологија и систематика на 'рбетниците се вршат истражувања од урбаната орнитологија, од квантитативната орнитологија и синекологијата (проф. д-р Бранко Мицевски). Нова проблематика на ова Одделение се истражувањата на морфологијата, онтогенетскиот развој и топографската позиција на одделни органи на структурно ниво во текот на раниот онтогенетски развој на рибите (доц. д-р Милица Ристовска). Истражувањата на Одделението за систематика на безрбетни животни (проф. д-р Стое Смиљков и ас. м-р Валентина Славевска-Стаменковиќ) се насочени кон испитување на различни инвертебратни таксономски групи од макрозообентосот. На Одделението за цитологија, хистологија и ембриологија на животните (проф. д-р Нада Митева, проф. д-р Ирена Тавчиовска-Василева, проф. д-р Маја Јорданова и ас. м-р Катерина Ребок) се вршат хистолошки анализи на различни анимални органи и ткива во разни експериментални услови. Во истражувањата од понов датум, како објект на хистопатолошка анализа се користат разни видови риби од Охридското и од Преспанското езеро. Истражувањата на Одделението за анимална екологија (доц. д-р Дана Прелиќ и ас. м-р Александра Цветковска) се во врска со влијанието на урбанизацијата врз биодиверзитетот во градските средини, преку таксономски анализи како индикатор на еколошките промени во средината и утврдување промени на општата рамнотежа во системот. Мошне значаен чекор во развојот на Заводот за зоологија е формирањето на Одделението и лабораторијата за молекуларна биологија (на иницијатива на проф. д-р Рогановиќ-Зафирова), а научноистражувачката активност на ова Одделение (проф. д-р Сашо Панов) е од областа на молекуларната генетика на човечкиот канцер.

Во Заводот за физиологија и биохемија се реализирани вкупно 14 научноистражувачки проекти (12 национални и 2 меѓународни), во рамките на трите постојни одделенија: Одделение за општа физиологија и имунологија, Одделение за споредбена физиологија и екофизиологија и Одделение за биохемија. Под раководство на наставниот кадар на овој Завод се реализирани 10 проекти. Одделението за општа физиологија и имунологија (проф. д-р Ицко Ѓоргоски, доц. д-р Митко Младенов и ас. м-р Никола Хаџи-Петрушев) се занимава со проучување на влијанието на различни видови стрес (топлотен и оксидативен) врз физиологијата и имунологијата на хомеотермниот организам. Главна проблематика на истражувањата на Одделението за споредбена физиологија и екофизиологија (проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска и доц. д-р Биљана Миова) е испитување на влијанието на хипертермичката средина врз метаболизмот на јаглехидратите во црниот дроб и во други ткива и органи, преку следење на промените во активноста на клучните ензими и функцијата на ендокрините жлезди кај лабораториски стаорци. Истражувањата на Одделението за биохемија (проф. д-р Божидарка Ѓошиќ-Марковска и доц. д-р Јасмина Димитрова-Шумковска) се насочени кон проучување на липопротеинскиот метаболизам кај хиперхолестеролемични стаорци, како и на индуцирани алтерации во липидниот метаболизам во корелација со појавата на некои заболувања.