ПРОСТОРНИ И МАТЕРИЈАЛНИ УСЛОВИ

Image descriptionНаставната и научноистражувачката работа на Институтот за биологија се резултат на општествените услови во нашата држава и зависат како од материјалната основа и можностите за кадровско обновување, така и од исклучително големиот развој на биолошките дисциплини, а со тоа и од потребите за биолошки кадар. За жал, Институтот за биологија кадровски не се развива соодветно на потребите кои се наметнати од актуелноста на проблемите на кои тој треба да одговори. Од 1946 година, на Одделот за биологија, во рамките на Филозофскиот факултет, до 1951 година теоретската и практичната настава била изведувана во зградата на тогашниот Природно-научен музеј во Скопје. Во учебната 1951/52 година, Природно-математичкиот факултет бил сместен во зградата во која се наоѓа и денес. Теоретската настава се изведувала во 1 амфитеатар и 2 предавални. Со развојот на научноистражувачката и наставната дејност на Институтот следи и отворање и проширување на лаборатории за истражувања и изведување на практичната настава. Денес, Институтот за биологија својата наставно-научна дејност и активност ја изведува во просториите на зградата на Природно-математичкиот факултет, како и во приспособениот дел од Ботаничката градина.

За изведување на студиите по биологија, Институтот располага со амфитеатри (2), предавални (2), лаборатории за изведување на практичната настава (8) и лаборатории за научноистражувачка работа (14). Во рамките на Институтот се наоѓаат и дополнителни простории за наставно-научна работа: ботаничка градина, аквариум, лаборатории за одгледување на експериментални животни, клима-комора за одгледување на растителни култури, инсектариум, хербариум, херпетолошка збирка, миколошка збирка, компјутерска училница и библиотека. Теоретската настава на Институтот за биологија ги следи современите наставно-образовни процесии и се одржува во амфитеатри и во нови предавални опремени со компјутери и проектори, како и во нова компјутерска училница со 15 работни места. Практичната настава се изведува во лаборатории од различни области на ботаниката, зоологијата, физиологијата и биохемијата, кои во последната деценија се реновирани и современо опремени.