СТУДИСКИ ПРОГРАМИ ОД ПРВИОТ ЦИКЛУС (ДОДИПЛОМСКИ) СТУДИИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА БИОЛОГИЈА

Во рамките на додипломските редовни студии, Институтот за биологија организира и спроведува реализација на предметни програми по следните студиски програми:
- студии по биологија - наставни кадри во средното образование, за формирање профил професор по биологија,
- студии по биохемија и физиологија, за формирање профил дипломиран инженер по биологија – биохемија и физиологија
- студии по екологија, за формирање профил на дипломиран еколог, како и
- студии по молекуларна биологија, за формирање профил на молекуларен биолог,
- двопредметни студии биологија-хемија, во чија реализација, покрај Институтот за биологија, учествува и Институтот за хемија. Во академската 2004/05 година започна реализација на студиските програми согласно Болоњската декларација, со застапеност на задолжителни и изборни курсеви, едносеместрално следење на курсевите, континуирана проверка на знаењето и примена на системот на кредити. Наставниот процес се реализира преку изведување на теоретска настава (предавања), практична настава (лабораториски вежби), теренска настава, семинарски работи, како и хоспитации (практика) по методика за наставните групи. Студиите се завршуваат со успешно одбранета дипломска работа.

Студии по биохемија и физиологија


Предложената студиска програма за првиот циклус на студии на биохемиско-физиолошката насока (дипломиран инженер по биологија) се очекува да резултира со формирање на добро обучени, теоретски и практично едуцирани кадри. Поконкретно, овој кадар е оспособен за успешно воведување, стандардизирање и изведување на квантитативни и квалитативни техники и анализи на биолошки (растителен, животински и хуман) материјал. Се очекува дипломираните студенти од овој студиум да бидат обучени квалитетно да се вклучат во реализација на истражувачката и апликативната дејност, особено во биохемиските, физиолошките, биотехнолошките, микробиолошките, и сродните на нив области. Досегашното искуство покажа дека нивните знаења, умеења и вештини се компатибилни со дипломирани кандидати од универзитетите од Европските и од соседните земји. Дипломираните студенти од оваа насока може успешно да одговорат на задачите преку кои се реализира научноистражувачката и апликативната дејност во соодветни лаборатории и академски институции.

Студии по биологија (за наставни кадри во средното образование)


Со овие студии преку стекнување на знаења од одделните биолошки дисциплини студентот се оспособува за примена на стекнатите знаења и вештини во различни сфери од областа на биологијата и сродните научни дисцплини од областа на природните науки. Стекнатото солидно познавање на биологијата како природна наука и стекнатата способност за меѓусебно поврзување на елементите од нејзините научни дисциплини, исто така, оваа група студенти - дипломирани биолози (проф. по биологија) ги оспособува за успешно реализирање на наставата по биологија во рамките на средното образование.

Студии по екологија


Студентот со завршена еколошка насока (дипломиран еколог) ќе се стекне со знаење за проучување, управување, конзервација и заштита на животната средина, како и рационално и одржливо искористување на природните ресурси и екосистемите, за развој и просторно планирање и тоа од научен и апликативен аспект. Стекнатите знаења може да се применат во наставата по екологија во средните и основните учи-лишта. итн. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да вршат проценка на влијанијата на различни инвестициони програми врз природните екосистеми. Тоа е подрачје што станува сî попопуларно, односно сî понеопходно затоа што е законска обврска.

Студии по молекуларна биологија


Се очекува дипломираните студенти од студиумот по молекуларна биологија (дипломиран молекуларен биолог) да бидат обучени квалитетно да се вклучат во научно-истражувачката и апликативната дејност во институциите каде овие дејности се остваруваат. Студиската програма за првиот циклус на студии ќе овозможи формирање на квалитетни кадри од областа на молекуларната биологија, биотехнологија, со биохемиско-физиолошка наобразба која ќе овозможи формирање на добро обучени, теоретски и практично едуцирани кадри кои ќе бидат компатибилни со сличните дипломирани кандидати од универзитетите од Европските и од соседните земји и кои ќе можат успешно да се справат со предизвиците на модерното општество, вклучувајќи се во работата во соодветните академски институции и во лабораториите со научно-истражувачка и апликативна дејност.