СОРАБОТКА СО ДРУГИ ИНСТИТУЦИИ

Членовите на Институтот за биологија, за успешно реализирање на својата научноистражувачка активност, користат искуство од научни институции во земјата и во странство. Со остварување на оваа соработка се овозможува проширување и продлабочување на научната активност и проблематиката во рамките на Институтот за биологија.

Во последните 10 години Институтот развива соработка со многу институции во Скопје: Факултетот за земјоделски науки и храна, Медицинскиот, Стоматолошкиот, Фармацевтскиот, Шумарскиот факултет, Факултетот за ветеринарна медицина, Земјоделскиот институт, Шумарскиот институт, Природно-научниот музеј, како и со Хидробиолошкиот завод во Охрид, Институтот за тутун во Прилеп, Институтот за ориз во Кочани, Институтот за јужни земјоделски култури во Струмица. Меѓународната соработка во изминатиот период, во чии рамки се остварени и студиски престои на дел од членовите на Институтот за биологија, а со која наедно се овозможи отворање и на нови истражувачки области, се реализира со голем број универзитети и научни институции.

Одделенијата на трите заводи при Институтот за биологија остварувале соработка, која продолжува до денес, со следниве факултети и научни институции: Биолошки факултет, Универзитет во Тирана (Албанија); Биолошки институт, Универзитет во Гент (Белгија); Природно-математички факултет во Сараево (Босна и Херцеговина); Оддел за генетика и Оддел за екологија - Биолошки факултет, Универзитет “Климент Охридски”, Институт за експериментална морфологија и антропологија, Институт за зоологија, Шумарски и Еколошки институт, Институт за биофизика, Институт за микробиологија и Институт за молекуларна биологија - БАН, Софија (Бугарија); Британски национален историски музеј, Лондон (Велика Британија); Оддел за микологија - Филипс - универзитет, Марбург, Институт за хемија и биохемија - Универзитет во Греисвалд и Гете - универзитет, Франкфурт (Германија); Оддел за микробиологија - Школа за медицина, Универзитет во Јанина, и Институт за биологија, Универзитет Аристотел, Солун (Грција); Универзитет во Ерусалим и Оддел за фармакологија - Институт за медицински истражувања, Оддел за физиологија - Хадаш - школа за дентална медицина и медицина, Хебрејски технион универзитет, Хаифа (Израел); Институт за хемија на дрвото, Рига (Латвија); Центар за истражувања “Габриел Липман”, Луксембург (Луксембург); Институт за биомедицински науки “Абел Салазар”, Универзитет во Порто (Португалија); Музеј на науките, Минесота (САД). Институт “Јован Хаџи”, САЗУ во Љубљана и Природно-математички факултет - Универзитет во Љубљана (Словенија); Природно-математички факултет во Нови Сад, Биолошки факултет и Институт за биолошки истражувања “Синиша Станковиќ”, Белград (Србија); Средноисточен технички универзитет, Анкара, Институт за биологија на Универзитетот “Абант Изет Баузал”, Голку и Факултет за природни науки, Селџук - универзитет во Конја (Турција); Унгарски музеј на националната историја, Будимпешта (Унгарија); Лабораторија за биологија на дрвенести и виши култури, Универзитет во Орлеан, и Национален институт за здравје и медицински истражувања, Лион (Франција); Природословно-математички факултет и Прехранбено-биотехнолошки факултет во Загреб (Хрватска); Биолошки факултет во Подгорица (Црна Гора); Институт за анимална физиологија и генетика - Чешка академија на науките, Прага (Чешка).