СТУДИСКИ ПРОГРАМИ ОД ТРЕТИОТ ЦИКЛУС (ДОКТОРСКИ) СТУДИИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА БИОЛОГИЈА

Назив на предлагачот (единица која ја изведува или координира студиската програма): Институт за биологија, Природно-математички факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј".
Назив на студиската програма: Докторски студии по биологија (содржи пет модули): биологија, екологија, биосистематика, биохемија-физиологија и молекуларна биологија.
Траење на студиите: 3 години (шест семестри).
Услови за запишување на студиите: завршен II циклус на студии по Болоња; магистер по старите наставни програми (на кои им се признаваат 60 кредити); стекнати 300 до 360 кредити од соодветни студии, доколку за тоа одлучи Наставно-научниот совет на ПМФ, по препорака на Стручниот совет на Институтот за биологија.
Академски назив кој се стекнува со завршување на студиите: Доктор на биолошки науки - модул биологија, биосистематика, биохемија-физиологија, екологија молекуларна биологија.
Спецификација на генеричките (општите) и специфичните компетенции
Со предложените студиски програми за докторските студии организирани во различни модули ќе се овозможи кандидатите да се стекнат со знаења за општите принципи, приоди и вештини за самостојна и тимска научноистражувачка работа во соодветните биолошки области.
Предложените докторски студии ќе овозможат во континуитет целосно образување на кандидати во различни области (од биологијата) на биолошките дисциплини. Современите достигнувања во различните биолошки дисциплини наоѓаат своја примена во многу дејсности и многу сродни науки како што се на пример земјоделието, шумарството, прехрамбената индустрија, заштитата на животната средина, фармацевтската, хемиската индустрија и тн. Кадрите кои ќе се продуцираат ќе најдат свое место во научноистрачувачките и академските институции, во развојни лаборатории и институти од прехранбената, хемиската, фармацевстката индустрија како и во клиничките лаборатории и медицинските тимови каде со своето знаење ќе придонесат во усовршувањето на аналитичките, дијагностичките, прогностичките и терапевтските протоколи.

Специфични компетенции за секој модул:
1. Модул биологија
Студентот со завршен трет циклус студии по биологија - модул биологија - и со стекнато звање Доктор на биолошки науки - модул биологија, ќе се стекне со напредни знаења за методите и истражувањата во базичните биолошки дициплини како што се цитологија, хистологијата, ембриологијата. Стекнатите знаења може да се применат од научно-истражувачки, апликативен и развоен аспект. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство за начинот на функционирањето и организираност на биолошките системи, како и да вршат проценка на влијанијата на различните ксенобиотици и еколошките фактори врз функционирањето на органелите, клетките и ткивата, како и врз ембрионалниот развиток на различните групи организми.
2. Модул екологија
Студентот со завршен трет циклус студии по биологија - модул екологија и со стекнато звање Доктор на биолошки науки - модул екологија, ќе се стекне со знаење за самостојно проучување, управување, конзервација и заштита на животната средина, како и рационално и одржливо искористување на природните ресурси и еко-системите, за развој и просторно планирање. Стекнатите знаења може да се применат од научно-истражувачки, апликативен и развоен аспект. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да вршат проценка на влијанијата на различни инвестициони програми врз природните екосистеми.
3. Модул биосистематика
Студентот со завршен трет циклус студии по биологија - модул биосистематика и со стекнато звање Доктор на биолошки науки - модул биосистематика, ќе се стекне со знаење за проучување, управување, конзервација на одделна група организми, нивната таксономија, систематика, филогенија и еволуција и тоа од научен и апликативен аспект. Стекнатите знаења може да се применат во проучувањето, заштитата и унапредувањето на заштитата на биодиверзитетот. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да вршат проценка на влијанијата врз биодиверзитетот, како и да вршат проценка на филогенијата и систематиката на одделните групи организми.
4. Модул Биохемија-физиологија
Предложената студиската програма за третиот циклус на студии по биологија - модул биохемија-физиологија и со стекнато звање Доктор на биолошки науки - модул биохемија-физиологија се очекува да резултира со формирање на добро обучени, теоретски и практично едуцирани кадри. Поконкретно, овој кадар е оспособен за успешно воведување, стандардизирање и изведување на квантитативни и квалитативни техники и анализи на биолошки (растителен, животински и хуман) материјал. Се очекува кандидатите од овој студиум да бидат обучени квалитетно да се вклучат во реализација на истражувачката и апликативната дејност, особено во биохемиските, физиолошките, биотехнолошките, микробиолошките, и сродните на нив области.
5. Модул молекуларна биологија
Предложената студиската програма за третиот циклус на студии по биологија - модул молекуларна биологија и со стекнато звање Доктор на биолошки науки - модул молекуларна биологија се очекува да резултира со создавање на квалитетно обучени едуцирани кадри, и од теоретски и од практичен аспект. Поконкретно, овој кадар е оспособен за успешно воведување, стандардизирање и изведување на современи молекуларно-биолошки и молекуларно-генетски техники и анализи на биолошки (растителен, животински и хуман) материјал. Се очекува кандидатите од овој студиум да бидат обучени квалитетно да се вклучат во реализација на научно-истражувачката и апликативната дејност, особено во молекуларно-биолошките. биотехнолошките, микробиолошките, и на нив сродните области.

III. Студиска Програма
Научно подрачје и поле: Природно-математички науки/биологија
Модули: пет модули: биологија, екологија, биосистематика, биохемија-физиологија и молекуларна биологија.
Обем и организација на студиската програма: Докторските студии траат три години. Докторските студии се состојат од обука за истражување и изработка на докторската дисертација. Обуката за истражување опфаќа предмети за стекнување на генерички и напредни знаења од методологијата на истражувањето, како и предмети од подрачјето, полето на истражување, како и специфични предмети од потесната област на истражувањето. Изработката на докторската дисертација опфаќа: подоготвка на тезa - оригинално истражување од областа; пријавување на тезa и нејзина одбрана; работа на дисертацијата; поднесување извештаи за прогресот во работата; оценка на дисертацијата и јавна одбрана на дисертацијата.
Јазик на изведување на наставата: Македонски.
Задолжителни и изборни активности: (семинари, конференции, трибини и сл.): Постои можност да се заменат кредитите од работилница за истражувачка практика со учество на научни конференции со реферат.
Структура на студиите, динамика на студирање и обврски на студентите: Студиите траат шест семестри. Во првите два семестри студентите посетуваат настава и ги полагаат задолжителните и изборните предмети. Кон крајот на вториот семестар, студентот започнува со припрема на предлогот за докторската теза, како и прелиминарните истражувања кои опфаќаат тестирање на методите и техниките. Во текот на третиот семестар, студентот ја поднесува пријавата на темата за докторската дисертација. По одобрувањето на темата, студентот започнува со своите истражувања. Кон крајот на секој семестар, почнувајќи од вториот, предвидени се задолжителни семинари и работилници на кои студентот ќе ги презентира своите резултати и напредокот во сопствените истражувања. Воедно на крајот на учебната година студентот, задолжително доставува извештај за реализираните активности во однос на дисертацијата. Запишувањето на семестрите е поврзано со реализираните активности согласно наставна програма.
Можност за организирање вонредни студии: Се очекува да дел од студентите бидат во постојан работен однос, поради што наставата по задолжителните и изборните предмети ќе се одвива во текот на попладневните часови и во текот на викендите. Во случаи да одреден предмет биде избран од помалку од 5 студенти, тогаш наставата ќе се одвива со консултации (менторски систем).


За повеќе детали кликнете ОВДЕ.