СТУДИСКИ ПРОГРАМИ ОД ВТОРИОТ ЦИКЛУС (ПОСТДИПЛОМСКИ) СТУДИИ НА ИНСТИТУТОТ ЗА БИОЛОГИЈА

I. Вовед
На Институтот за биологија, во 1974/75 година, за прв пат беа организирани постдипломски магистерски студии за две насоки: еколошко-таксономска и биохемиско-физиолошка. Овие постдипломски студии успешно се организираат и денес. Во 1996 година е воведена насоката за постдипломски магистерски студии по молекуларна биологија, а во учебната 1998/99 година, се организирани и специјалистички студии по различни биолошки дисциплини (управување на заштитени објекти во природата; екологија и заштита на 'рбетниците во Р. Македонија; систематика и анатомија на 'рбетниците во Р. Македонија; флористички, вегетациски и генетски диверзитет; микробиологија; физиологија на растенијата со култура на растителните ткива; биохемија; екофизиологија; микологија; алгологија; мониторинг на акватичните екосистеми; мониторинг на терестичките екосистеми; структура и екологија на терестичките екосистеми; генетика; нематологија). Во 2001/02 година беше извршено ревидирање на студиската програма на постдипломските студии и нивно усогласување со препораките од Болоњската конвенција. Преку постдипломските студии, кандидатите ги прошируваат знаењата од одделни биолошки дисциплини и се воведуваат во научноистражувачкиот процес. Во едукацијата на овие кадри учествуваат наставниците од Институтот за биологија, наставници од другите институти при Природно-математичкиот факултет, како и од други факултети и научни институции од земјата и од странство. Многу наставници од Институтот за биологија учествувале (а некои и денес учествуваат) во изведувањето на постдипломската настава и на други високообразовни институции во Македонија.

II. Општ дел
Име на единица која ја изведува или координира студиската програма: Природно-математички факултет, Институт за биологија.
Име на студиската програма: магистерски студии по биологија (содржи четири модули/поднасоки)
Траење на студиите: 1 година (два семестри).
Услови за запишување на студиите: освоени 240 кредитни поени (ЕКТС) со завршени четиригодишни додипломски студии по биологија или сродните области. Сродните области ги дефинира Универзитетот. По исклучок, а во согласност со Болоњската декларација, на втор циклус можат да се запишат и лица со завршени четиригодишни (или еквивалентни според ЕКТС или по друга, законски дозволена основа) додипломски студии од несродните области, доколку за тоа одлучи Наставно-научниот совет на ПМФ, по препорака на Стручниот совет на Институтот за биологија. На вториот циклус можат да се запишат и лица со завршен прв циклус (додипломски студии) во траење од три години (високи школи), односно со освоени 180 ЕКТС поени, со тоа што кандидатите мораат да полагаат испити од диференцијални предмети со кои треба да освојат најмалку 60 кредити. Списокот на титули стекнати со завршен прв циклус (додипломски студии) во траење од три години (со освоени 180 ЕКТС), кои можат да конкурираат на вториот циклус, го утврдува Стручниот совет на Институт за биологија. Изборот на диференцијалните предмети за секој кандидат се врши од списокот на стручни предмети од постоечките насоки на првиот циклус (додипломски студии) на Институтот за биологија, и тоа од страна на Стручниот совет на Институтот за биологија, по препорака на координаторот на вториот циклус. Избраните диференцијални предмети треба да го надоместат неопходното градиво кое е предуслов за совладување на студиската програма од соодветниот модул/насока на вториот циклус на која кандидатот конкурирал. Наставата по избраните диференцијални предмети на кандидатот се спроведува по консултативна основа или со вклучување во постоечката настава на предметите од првиот циклус (додипломски студии) на Институтот за биологија. По успешното полагање на предвидените диференцијални испити и освојувањето на најмалку 60 ЕКТС бодови, кандидатот може да продолжи со предвидената студиска програма од соодветниот модул/поднасока на вториот циклус на која конкурирал. Спецификација на генеричките (општите) и специфичните компетенции кои студентот ќе ги стекне со завршувањето на студиите и за кои работни места е оспособен: Со овие студии преку стекнување на знаења од одделните биолошки дисциплини студентот се оспособува за примена на стекнатите знаења и вештини во различни сфери од областа на биологијата и сродните научни дисциплини од областа на природните науки.


Специфични компетенции за секој модул / поднасока:
1. Еколошко-таксономска насока
1.а Наставен модул
Студентот со завршен втор циклус (постдипломски) студии по еколошко-таксономска насока (наставен модул) и со стекнато звање магистер по биологија (едукација), ќе се стекне со знаење за напредните методи и начини за споредување на современите наставни програми од биолошките дисциплини. Стекнатите знаења може да се применат и во наставата по биологија и екологија во средните и основните училишта итн. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да учествуваат во изготвувањето, евалуацијата, воведувањето и изведувањето на наставата по современите биолошки дисциплини.

1.б Еколошки модул
Студентот со завршен втор циклус (постдипломски) студии по еколошко-таксономска насока (еколошки модул) и со стекнато звање магистер по биологија (екологија), ќе се стекне со знаење за проучување, управување, конзервација и заштита на животната средина, како и рационално и одржливо искористување на природните ресурси и еко-системите, за развој и просторно планирање. и тоа од научен и апликативен аспект. Стекнатите знаења може да се применат од научно-истражувачки, апликативен и развоен аспект. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да вршат проценка на влијанијата на различни инвестициони програми врз природните екосистеми. Тоа е подрачје што станува се попопуларно, односно се понеопходно затоа што е законска обврска.

1.в Таксономски модул
Студентот со завршен втор циклус (постдипломски) студии по еколошко-таксономска насока (таксономски модул) и со стекнато звање магистер по биологија (таксономија), ќе се стекне со знаење за проучување, управување, конзервација на одделна група организми, нивната таксономија, систематика, филогенија и еволуција и тоа од научен и апликативен аспект. Стекнатите знаења може да се применат во проучувањето, заштитата и унапредувањето на заштитата на биодиверзитетот. Особено е значајно што овие кадри ќе се здобијат со искуство самостојно да вршат проценка на влијанијата врз биодиверзитетот, како и да вршат проценка на филогенијата и систематиката на одделните групи организми.

2. Биохемиско-физиолошка насока
Предложената измена и дополнување на студиската програма за вториот циклус на студии на биохемиско-физиолошката насока и со стекнато звање магистер по биологија (биохемија-физиологија) се очекува да резултира со формирање на добро обучени, теоретски и практично едуцирани кадри. Поконкретно, овој кадар е оспособен за успешно воведување, стандардизирање и изведување на квантитативни и квалитативни техники и анализи на биолошки (растителен, животински и хуман) материјал. Се очекува кандидатите од овој студиум да бидат обучени квалитетно да се вклучат во реализација на истражувачката и апликативната дејност, особено во биохемиските, физиолошките, биотехнолошките, микробиолошките, и сродните на нив области. Магистрите од оваа насока може успешно да одговорат на задачите преку кои се реализира научноистражувачката и апликативната дејност во соодветни лаборатории и академски институции.

3. Молекуларна биологија
Со предложената измена и дополнување на студиската програма за вториот циклус на студии на насоката молекуларна биологија и со стекнато звање магистер по молекуларна биологија, се очекува да резултира со создавање на квалитетно обучени едуцирани кадри, и од теоретски и од практичен аспект. Поконкретно, овој кадар е оспособен за успешно воведување, стандардизирање и изведување на современи молекуларно-биолошки и молекуларно-генетски техники и анализи на биолошки (растителен, животински и хуман) материјал. Се очекува кандидатите од овој студиум да бидат обучени квалитетно да се вклучат во реализација на научно-истражувачката и апликативната дејност, особено во молекуларно-биолошките. биотехнолошките, микробиолошките, и на нив сродните области. Магистрите од оваа насока може успешно да одговорат на задачите преку кои се реализира научно-истражувачката и апликативната дејност во соодветни лаборатории и академски институции.


За повеќе детали кликнете ОВДЕ.