Д-р Анастасија ДИМОВСКА (1928-2017), редовен професор, е родена на 4 октомври 1928 г. во Кичево. Основното и средното образование ги завршила во Скопје. Во учебната 1948/49 г. се запишала на Филозофскиот факултет во Скопје, група биологија, и ги завршила во редовниот рок со одличен успех. Во текот на студиите била демонстратор во Зоолошкиот завод. За асистент е избрана во 1953 г. Докторската дисертација ја одбранила во 1965 г. За доцент е избрана во 1966 г., за вонреден професор во 1972 г., а за редовен професор во 1978 г., и во тоа звање е пензионирана во 1988 г. Како асистент била ангажирана во комплетно организирање на практикумот по предметот хистологија и ембриологија, што опфаќа и комплетно уредување и опремување на лабораторијата по тој предмет, како и изработка на целокупната колекција на микроскопски препарати неопходни за изведување на практикумот. Како доцент, а подоцна како вонреден професор, изведувала настава по предметот хистологија и ембриологија со анатомија на човекот, а по изборот за редовен професор изведувала настава по цитологија на животни и хистологија и ембриологија со анатомија на човекот. Покрај тоа, во периодот од 1974 до 1980 г., изведувала дел од наставата по предметот биологија за студентите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет во Скопје. Како асистент (1955 г.) престојувала 7 месеци во Генетичкиот институт и на Ветеринарниот факултет во Белград, како доцент (1968 г.) престојувала во физиолошката лабораторија на Океанографскиот институт во Париз (Франција), а подоцна (1970 г.) била на едномесечен студиски престој во хистолошката лабораторија на Институтот за медицина и фармација при Медицинскиот факултет во Јаши (Романија). Научните истражувања на д-р Димовска опфаќаат две главни области: цитолошки и хистолошки испитувања што се однесуваат на специфичностите на репродуктивниот циклус на одделни стопански значајни видови риби од Дојранското (перкија, црвеноперка и крап) и од Охридското Езеро (охридска пастрмка), на цитоморфолошки испитувања на одделни ендокрини жлезди (семеници, адренален кортекс и хепар) кај лабораториски стаорци во различни експериментални услови (хипертермија, гладување и третман со различни хормони). При изучувањата на првата област, главниот акцент е ставен врз ендокриниот систем (хипоталамус, хипофиза, гонади, тиреоидеа и хепар). Во рамките на сезонските промени што се одвиваат во текот на репродуктивниот циклус, посебно внимание им е посветено на оогенезата и сперматогенезата. Учествувала со реферати на многубројни научни собири во земјата и во странство, како и на тркалезна маса за ендокринологија на репродукцијата на телостеи, организирана во Барселона (Шпанија) во 1977 г. Објавила 49 научни трудови (повеќето самостојни, а дел и со своите соработници). Автор е на еден средношколски учебник (Биологија на клетката). Била ментор на магистерски трудови и докторски дисертации. Професор Димовска била раководител на Зоолошкиот завод во два мандати, член и секретар на Редакцискиот одбор на списанието Годишен зборник на Биолошкиот факултет, како и член на повеќе факултетски комисии. Надвор од Факултетот била претседател на Друштвото на биолозите на Македонија, претседател на Комисијата за изработка на планови и програми за биотехничката струка во насоченото образование, член на Комисијата за доделување стипендии од странски влади при Републичкиот секретаријат за култура и друго. Добитник е на благодарници и пофалби, како и на Орден на трудот со златен венец. Почина во 2017 г.