Пензиониран професор Dr Јорданка Димовска

Subjects



Biography

Д-р Јорданка ДИМОВСКА, редовен професор во пензија, е родена на 17 јануари 1942 г. во Штип, каде што ги завршила основното и средното образование. Во 1961 г. се запишала на ПМФ во Скопје, на групата биологија. Студиите ги завршила во 1965 г. Веднаш по дипломирањето, во учебната 1965/66 г., работела како наставник во гимназијата во Штип. Во учебната 1966/67 г. била избрана за асистент на Заводот за физиологија при Институтот за биологија на ПМФ во Скопје. Во 1976 г. ја одбранила магистерската работа на ПМФ во Белград, под менторство на акад. д-р Радослав Анѓус. Со научен степен доктор на биолошките науки се здобила во 1984 г., одбранувајќи ја на ПМФ во Скопје докторската дисертација под наслов „Улогата на плунковните жлезди и претходната температурна средина врз терморезистентноста и некои други параметри кај белиот стаорец во услови на хипертермичка средина“, под менторство на д-р Ристо Бузалков. Со наставна дејност д-р Димовска започнала по изборот за асистент во 1966 г. на Заводот за физиологија на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје. Била вклучена во реализацијата на практичната настава од предметите: општа физиологија, биохемија и споредбена физиологија. По магистрирањето (1981 г.) била избрана за предавач по предметот општа физиологија за студентите биолози (наставна и биохемиско-физиолошка насока), а во 1984 г., по докторирањето, е избрана во звањето доцент по истиот предмет. Во меѓувреме, во учебната 1987/1988 г. ѝ била доверена настава по предметот физиологија на невроендокриниот систем за студентите психолози при Филозофскиот факултет во Скопје. За вонреден професор по предметите општа физиологија, имунологија (за студентите биолози) и физиологија на невроендокриниот систем (за студентите психолози) била избрана во 1990 г. Од 1994 г. ја држи наставата и по предметот функционална анатомија со физиологија за студентите дефектолози при Филозофскиот факултет во Скопје. Д-р Димовска била активно вклучена и во изведувањето настава на постдипломските студии на Институтот за биологија по дисциплините одбрани поглавја од физиологијата, одбрани поглавја од имунологијата и методи на биохемиските и физиолошките истражувања. Д-р Димовска била ментор на две магистерски работи и две докторски дисертации одбранети на ПМФ во Скопје. Таа била повеќепати рецензент за подобност и член на комисии за одбрана на магистерски трудови и докторски дисертации. Главната проблематика на која работи д-р Димовска е проучувањето на физиологијата и биохемијата на хомеотермниот организам во услови на летална егзогена хипертермија, со посебен осврт врз терморезистентноста и вклученоста на ендокрините фактори во терморегулациони механизми, а работела и на други проблеми. Д-р Димовска учествувала во реализацијата на 8 научноистражувачки проекти, а објавила и повеќе од 50 научни трудови во домашни и во странски научни списанија. Д-р Димовска е коавтор на средношколскиот учебник Биологија за I г. на насоченото образование и Биологија за III г. (1992 г.), како и на универзитетскиот учебник Основи на физиологијата на невроендокриниот систем (2005г. наменет за студентите на групата психологија при Филозофскиот факултет.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.