In memoriam Dr Митко Ѓорѓиев

Subjects



Biography

Д-р Митко ЃОРЃИЕВ (1927–1995 г.), редовен професор, е роден на 30 јануари 1927 г. во Кочани, каде што завршил основно образование. Од 1944 до 1945 г. и по завршувањето на гимназијата во Штип (од 1946 до 1947 г.), во недостиг на наставен кадар, работел како учител. Во 1947 г. се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје – група биологија, и студиите ги завршил со одличен успех. Во периодот 1953/54 г. работел во кочанската гимназија, а потоа од 1 јули 1954 г. се вработил како кустос во Природонаучниот музеј во Скопје. Тука останал до 30.1.1957 г. и работел под раководство на д-р Станко Караман на проучувањето на подземната фауна на Македонија. Резултатите од тие проучувања се изнесени во два трудови. Во 1957 г. е избран за асистент на Ботаничкиот завод при ПМФ во Скопје каде што работел под раководство на д-р Миховил Грачанин. Ги водел вежбите по предметот физиологија на растенијата. Во 1960/61 г. престојувал десет месеци како стипендист на УНЕСКО во Институтот за исхрана на растенијата на Универзитетот во Giessen (Германија) каде што се запознал со најновите методи за одредување на микроелементите во растенијата и во почвата, како и со нивното физиолошко и еколошко значење. Докторската дисертација „Однос меѓу дишењето и примањето на јони“ ја одбранил во 1965 г. и се здобил со звањето доктор на биолошките науки. Во 1966 г. бил избран за доцент по предметот физиологија на растенијата, а од истата година до 1976 г. држел настава по биогеографија со педологија. Во 1968 г. престојувал два месеци во Институтот за исхрана на растенијата во Giessen, работејќи на методиката на одредување еколошки активните елементи во почвата. Во 1972 г. е избран за вонреден, а во 1978 г. за редовен професор, и на таа должност е пензиониран во 1987 г. Д-р Ѓоргиев објавил 56 научни трудови од областа на физиологијата на растенијата. Учествувал со реферати на повеќе меѓународни и домашни научни собири. Соработувал со научни друштва и установи во нашата земја и во странство. Повеќе од 20 години бил редовен член на Deutche Botaniche Geselschaft и American Society of Plant Phisiology. Покрај тоа, бил редовен член на Federation of European Societes od Plant Phisiology, International Plant Growth Substances Association, European Association for Research on Plant Breeding и Југословенското друштво за физиологија на растенијата. Соработувал со научните институти на Земјоделскиот факултет, со Институтот за полјоделство од Скопје, Институтот за ориз од Кочани и со земјоделските комбинати „Анска Река“ од Валандово, „Црвена Ѕвезда“ од Штип и „Тиквеш“ од Кавадарци, при што ги обучувал раководителите на нивните педолошки и биохемиски лаборатории во методиката на биохемиските, физиолошките и педолошките истражувања. Во знак на признание за придонесот во развојот и унапредувањето на наставно-образовната и научната дејност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, д-р Ѓорѓиев е одликуван со Орден на трудот со златен венец, а доделени му се повелба од Универзитетот и повелба со плакета од ПМФ. За плодната и сестрана активност доделена му е и благодарница од матичната библиотека „Искра“ од Кочани.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.