Пензиониран професор Dr Божидарка Ѓошиќ-Марковска

Subjects



Biography

Д-р Божидарка ЃОШИЌ-МАРКОВСКА, редовен професор во пензија, е родена на 10 август 1947 г. во Пирот, Р. Србија. Во 1970 г. дипломирала на ПМФ во Скопје, група биологија. Како приправник на Зоолошкиот завод на Институтот за биологија е примена во 1972 г. и истата година е избрана за асистент на Заводот за физиологија и биохемија при истиот Институт. Магистерската работа „Прилог кон познавање на хемиската хетерогеност на хуманиот фетален хемоглобин“, под менторство на академик Ѓорѓи Ефремов, ја одбранила во 1982 г. во Загреб. Докторската дисертација со наслов „Прилог кон биохемиско-физиолошкото изучување на стрес-состојбите кај белиот лабораториски стаорец“ ја изработила и ја одбранила на Институтот за биологија на ПМФ во Скопје, под менторство на д-р Ристо Коцарев, во 1994 г. За доцент е избрана во 1995 г., за вонреден професор во 2000 г. по група предмети по општа биохемија (за студии по биологија – наставна насока), биохемија 1, биохемија 2, споредбена биохемија и клиничка биохемија (за студии на биохемиско-физиолошка насока), биохемија (за двопредметни студии биологија/хемија), анимална и растителна биохемија (за студии на еколошка насока) на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје. Д-р Ѓошиќ-Марковска е избрана во звањето редовен професор во 2005 г. Во текот на својата работа била рецензент на повеќе учебници и практикуми од својата област. При факултетот била член во Комисијата за вработување, Комисијата за студентски молби, Комисијата за прием на нови студенти и др. Во два мандати е член на редакцискиот одбор на Зборникот на Институтот за биологија. Во два мандати била раководител на Заводот за физиологија и биохемија (1998–2000 г.; 2005–2006 г.), а од 2001–2003 г. била шеф на Институтот за биологија, и в.д. шеф на Институтот за биологија во 2006 г. Едно од најзначајните подрачја на истражување на д-р Ѓошиќ-Марковска е изучувањето на биохемијата на стресот под различни стресогени фактори, притоа изучувајќи ја улогата на хипоталамо-хипофизарно-надбубрежната оска преку поголем број индиректни индикатори. Проф. Ѓ. Марковска била вклучена во научноистражувачката дејност на Институтот, како раководител на два национални проекти и еден меѓународен, билатерален научноистражувачки проект. Како резултат на својата дејност има презентирано и објавено повеќе научни трудови од областа на биохемијата и физиологијата, како во земјата, така и во странство. Коавтор е на учебникот за Биологија за III година гимназиско образование. Од својата научна област, ментор е на 5 докторати, 7 магистерски и 3 специјалистички трудови и член во комисии за јавни одбрани на повеќе магистерски и докторски тези. Од 2000 г. е член во Комисијата за номенклатура и терминологија при Здружението на медицинските биохемичари на Македонија. Членува во три стручни, национални асоцијации: Друштво на биолозите на Р. Македонија, Друштво на медицинските биохемичари и Друштво на физиолозите на Република Македонија.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.