Пензиониран професор Dr Биљана Караман

Subjects



Biography

Д-р Биљана КАРАМАН, редовен професор во пензија, e родена на 9.7.1942 г. во Смедерево, СР Југославија. Основното и средното образование ги завршила во Скопје. Во 1961 г. матурирала како најдобар ученик во гимназијата и истата година се запишала на ПМФ во Скопје, група биологија. Студиите ги завршила во јуни 1965 г. и притоа била наградена од Универзитетот во Скопје како најдобар студент на ПМФ. Во април 1966 г. е избрана за асистент на Институтот за биологија. Научениот степен магистер на биолошки науки го стекнала во 1972 г. на ПМФ во Загреб, додека докторската дисертација под наслов „Ekolosko faunisticko istrazivanje Odonata SR Makedonije“ ја одбранила на 26.3.1980 исто така на ПМФ во Загреб. Истата година е избрана за доцент на ПМФ во Скопје. Во 1986 г. е избрана за вонреден професор, во 1993 г. за редовен професор, а во 1999 г. е реизбрана во звањето редовен професор. Проф. д-р Билјана Караман е основоположник на лабораторијата по споредбена анатомија при Институтот за биологија на ПМФ. Како асистент и како наставник била задолжена за изведување на наставата од повеќе биолошки дисциплини за студентите од групата биологија при ПМФ (хистологија и ембриологија, анатомија на човек, споредбена анатомија, типологија на животните, Vertebrata, органска еволуција) и од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет (биологија со хумана генетика). Од 1997 до 1999 г. во Приштина изведува настава по предметот споредбена морфологија и систематика на хордата. Со своите наставни активности, проф. Караман постојано ги збогатувала содржините од предметите за кои била одговорна. Има издадено 4 интерни скрипти за студентите по биологија и е коавтор на еден средношколски учебник по биологија. На постдипломските студии, проф. д-р Караман исто така била вклучена во изведувањето на наставата по група предмети од областа на инвертебратната и вертебратната фауна. Д-р Караман во својот научен опус најзначителен белег остави во комплексното проучување на фауната на Odonata во Македонија и голем дел од балканските простори. Истражувањата на одонатите се базираат врз таксономско-еколошки анализи и зоогеографско реонирање. Вредно е да се истакне дека д-р Караман е еден од пионерите во воспоставувањето на методологијата за маркирање и ремаркирање на единките при популациски истражувања. Како признат стручњак за систематика на видовите од групата Odonata во Република Македонија, д-р Биљана Караман е ангажирана од страна на Природонаучниот музеј во Скопје за систематско уредување на музејската збирка на Odonata. Исто така, д-р Караман се занимавала кон проучување на структурната онтогенија на кранијалниот и посткранијалниот скелетен систем кај пастрмките. Во текот на својата научна кариера била вклучена во реализација на 6 национални проекти и има објавено 30 научни трудови и соопштенија. Резултатите од својата работа, професор Караман ги презентирала на научни собири, конгреси и симпозиуми, како во земјата, така и во странство. Професор Караман била член во различни комисии при факултетот, член на Советот на ПМФ, а во еден мандат и раководител на Зоолошкиот завод. Исто така, д-р Караман активно работела во поголем број на биолошките научни друштва во земјава.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.