In memoriam Dr Борис Китанов

Subjects



Biography

Д-р Борис КИТАНОВ (1912–1996 г.), редовен професор, е роден на 28 март 1912 г. во Софија, каде што ги оформува своето основно и средно образование. За време на школувањето се запознал со познатиот ботаничар акад. Иван Урумов со чија помош организира екскурзии, собирајќи растенија од разни делови на Бугарија. И покрај тоа што завршува студии на Шумарскиот институт на Агрономскиот факултет во Софија, тој пројавува интерес да студира природни науки. Со помош на акад. Урумов се запишува на студии по биологија на Белградскиот универзитет, а наредната година се префрла во Софија на ПМФ на Софискиот универзитет, каде што во 1937 г. со одличен успех завршува специјалност природна историја. Со научна работа започнува да се занимава уште како студент и првата работа ја има објавено во 1936 г. Во текот на 1937 г. на конкурс добива од полската влада специјализација во Краков, кај светски познатиот ботаничар В. Шафер. Тука ги изучува методите на палеоботаника и растителна географија. По завршувањето е професор во гимназијата во Гоце Делчев, Бугарија, каде што интензивно работи на флората на планината Боздаг, а резултатите ги публикува во 1943 г. Од 1942 г. станува редовен асистент на ПМФ во Софија. По покана на Владата на Македонија, преку Македонскиот комитет во Софија, проф. Б. Китанов доаѓа во 1946 г. во Скопје и се вклучува во организирањето на Институтот за биологија и посебно Ботаничкиот завод на тогаш првоформираната високошколска институција – Филозофскиот факултет во Скопје. Во Скопје е раководител на Ботаничкиот завод и шеф на Институтот за биологија. Со големо залагање и упорност го организира Институтот и создава лаборатории за водење практична настава. Држи настава во првата година за студентите биолози и за студентите на Вишата педагошка школа во Скопје, а во 1947/48 г. и настава за студентите агрономи, шумари и медицинари. Публикува научни трудови во првиот научен зборник на Филозофскиот факултет (1948 г.). За вложениот труд, по повод 20 години од основањето на Универзитетот во Скопје, награден е со повелба. Во 1948 г. есента се враќа во Бугарија и работи во Ботаничкиот институт на БАН, а потоа на Универзитетот, сè до неговото пензионирање во 1977 г. како редовен професор по систематика и растителна географија во Софија. За овој период патува во Кореја, потоа во Кина, а од 1967 до 1970 г. е на Куба, каде што држи предавања на Агрономскиот факултет. И по пензионирањето, проф. Б. Китанов е активен научен работник и држи предавања за студенти фармацевти и географи. Автор е на голем број книги и учебници.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.