Д-р Славчо МИТЕВ, редовен професор во пензија, е роден на 1 август 1944 во с. Ораовица, Радовишко. Основното образование го завршил во родното место, а средното (гимназија) во Радовиш. Студиите по биологија на ПМФ редовно ги завршил во 1970 г. Магистрирал во 1976 г. на Сеучилиштето во Загреб, Р. Хрватска, со одбрана на магистерската работа под наслов „Utjecaj hiprtermicke sredine na sadrzaj jetrnjeg glikogena u stakora“. Докторската дисертација под наслов „За влијанието на хипертермичката средина и некои ендокрини фактори врз содржината на гликогенот во црниот дроб и некои други параметри кај белиот стаорец“ ја одбранил во 1983 г. на ПМФ во Скопје. Во 1971 г. бил избран за асистент на Заводот за физиологија при Институтот за биологија на ПМФ. Во звањето доцент по предметите споредбена физиологија, анимална екофизиологија и физиологија на трудот бил избран во 1984 г., за вонреден професор во 1989 г., за редовен професор во 1994 г. и реизбран во редовен професор во 1999 г. и во ова звање, во 2008 г. проф. Митев заминува во пензија. Во текот на својот асистентски стаж ја спроведувал практичната настава по предметите споредбена физиологија, општа физиологија, анимална екофизиологија, физиологија на трудот, а по докторирањето, теоретската настава по предметите споредбена физиологија, физиологија на животните, физиологија на трудот, анимална екофизиологија (за студентите биолози) и анимална екофизиологија (за студентите од ИСИЖС). Освен во редовната настава, д-р Митев учествувал и учествува во наставата за постдипломски студии на Институтот за биологија. Главно подрачје на научен интерес на д-р Митев е од областа на физиологија (екофизиологија), и тоа, пред сè, за влијанието на високата надворешна температура врз јаглехидратниот метаболизам и ендокриниот систем. Д-р Митев има објавено 90 научни трудови во домашни и странски списанија и 7 стручни трудови. Објавил и еден универзитетски учебник, три помагала и три средношколски учебници. Како раководител учествувал во 9 научни проекти, а како учесник (член) во 4 проекти. Активно учествувал со 55 трудови презентирани на домашни и меѓународни научни манифестации. Бил ментор на две докторски дисертации и четири магистерски трудови и член на рецензентски комисии или комисии за одбрана на многубројни докторски дисертации и магистерски работи. Во изминатиот период престојувал на кратки специјализации на: Медицинскиот факултет во Загреб, Биолошкиот факултет во Загреб, Биолошкиот факултет во Софија, Биолошкиот факултет во Прага. Досега бил повеќе пати раководител на Заводот за физиологија и биохемија, во еден мандат бил продекан за настава, наука и студентски прашања на ПМФ, шеф на Институтот за биологија и член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во изминатиот период има добиено 2 признанија.