In memoriam Dr Милто Мулев

Subjects



Biography

Д-р Милто МУЛЕВ (1939–2014 г.), редовен професор, е роден на 3 ноември 1939 г. во с. Сетина, Егејска Македонија. Основното образование и два класа средно земјоделско училиште ги завршил во Унгарија, а другите ги довршил (по враќањето во 1959 г.) во Македонија. Виша педагошка академија на група за биологија/хемија завршил во 1962 г., а потоа се запишал на ПМФ на група биологија. Студиите ги завршил во 1965 г. Напоредно, во 1960 г., се вработил како лаборант во Ботаничкиот завод на Институтот за биологија за предметите екологија и физиологија на растенија. По отслужувањето на воениот рок, во 1967 г., бил избран за асистент по предметот екологија на растенијата. Постдипломските студии ги завршил во Загреб (во 1973 г.) со одбраната на магистерскиот труд „Статус воде у ткивима неких фанерофита у зависности од садржаја воде у ризосфери“. Како стипендист на унгарската влада, шест месеци престојувал во научноистражувачкиот институт во Годоло во Будимпешта. Докторската дисертација на тема „Динамика на хидратурата и јаглехидрати на значајните видови од заедницата Cocciffero-carpinetum orientals macedonicum“ ја одбранил во 1978 г. За доцент по предметот ботаника за студентите фармацевти е избран во 1980 г. Оваа настава ја изведува сè до учебната 1988/89 г. Од учебната 1984/85 г. до пензионирањето во 2002 г. е ангажиран со настава по предметот растителна екофизиологија за студентите биолози од биохемиско-физиолошката насока, а во текот на 1985/86 г. му е доверена наставата по предметот анатомија и морфологија на растенијата. Во 1985 г. е избран за вонреден професор на ПМФ по предметите ботаника (за фармацевти) и екофизиологија (за биолози). Од 1987/88 г. ја презел и наставата по предметот екологија на растенијата, како и наставата по предметот заштита на животната средина за студентите од Архитектонскиот факултет – насока урбанизам (до учебната 1990/91 г.). Од учебната 1990/91 г. му е доверена и наставата по предметот заштита на животната средина за студентите биолози. Во составот на наставните задолженија под негово менторство се изработени голем број дипломски работи, а успешно се реализирани и теренски вежби. Бил рецензент на повеќе магистерски трудови и докторски дисертации одбранети во областа на екологијата на растенијата, како и во областа за физиологијата на растенијата. Во периодот од 1985 до 1987 г. бил раководител на Ботаничкиот завод, а од 1990 до 1992 г. бил шеф на Институтот за биологија. Работел на повеќе проекти како учесник и раководител. Во текот на својата научна работа објавил како автор и коавтор шеесетина научни трудови. Автор е на учебниците Заштита на животната средина (1997 г.) и Екологија на растенијата (2003 г.).

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.