In memoriam Dr Љубица Петровска

Subjects



Biography

Д-р Љубица ПЕТРОВСКА (1927-2016), редовен професор, е родена на 14 ноември 1927 г. во Крива Паланка. Основното образование го завршува во родното место, а гимназијата во Куманово и во Скопје. Дипломира со висок просек во 1951 г. на Филозофскиот факултет во Скопје, група биологија. Истата година е избрана за асистент по предметот Талофита. Како асистент ја држи практичната настава по предметот за кој е избрана, како и по предметот Морфологија и анатомија на растенијата. Во 1961 г. со висок успех ја брани својата докторска дисертација на тема „Прилог кон флората и вегетацијата на термалните води во Македонија“. Во звањето доцент е избрана во 1962 г. Покрај основниот предмет Талофита (Систематика на нижите растенија), во наредните 10 години ја спроведува и наставата по предметот Микробиологија. Во 1967 г. е избрана за вонреден професор, а во 1973 г. во звањето редовен професор, звање со кое е и пензионирана во 1987 г. Својата обемна наставна активност професор Петровска ја реализира преку доверените дисциплини на матичниот факултет, но и како исклучителен едукатор на другите факултети, како на додипломските, така и на постдипломските студии. Автор е на учебникот „Систематика на растенија за средните училишта и коавтор на гимназискиот учебник „Биологија“. Професор Петровска, како еден од пионерите на воведувањето на научната мисла и едукација на тогашниот Филозофски факултет во Скопје, активно учествува во оформувањето на лабораторијата за истражувања на алгите. Уште како асистент се насочува кон научноистражувачка работа од областа на алгологијата и првата тримесечна специјализација ја изведува во Белград, во алголошката лабораторија на Биолошкиот институт „Синиша Станковиќ“. Потоа, повеќе месеци престојува во Загреб во Ботаничкиот завод на Земјоделско-шумарскиот факултет, каде што ја работи докторската дисертација под менторство на познатиот алголог академик Иво Певалек. Студискиот престој од 4 месеци го поминува во Ботаничкиот институт во Виена кај еминентниот алголог Lothar Geitler. Сите печатени научни трудови (28) се од областа на алгологијата, односно таксономијата и екологијата, пред сè, на сино-зелените алги, но и на дијатомеите во Македонија. Најобемниот објавен труд е монографијата за сино-зелените алги отпечатен при Македонската академија на науките и уметностите во 1997 г. под наслов „Модрозелените алги (Cyanophyta) на Република Македонија“. Преку својот научен опус, професор Петровска остава над 1.000 скици и цртежи на алги создадени со макотрпната техника на микроскопско набљудување и истакнување и на најситните детали. Своето богато таксономско искуство таа го пренесува и на апликативните научни проекти, од кои позначајни се Еколошко-таксономски, биохемиско-физиолошки и цитогенетски истражувања на живиот свет во Македонија (во природни и експериментални услови) и неговата заштита од 1979 г. како и проектот Обраснувањето со микро и макрофитката вегетација во рекреативното езеро Треска и мерки за нивно отстранување од 1980 г. Професор Петровска е ментор на една докторска дисертација, учесник/коментор во поголем број одбранети магистерски трудови, како и многубројни дипломски работи. Професор Петровска била раководител на Ботаничкиот завод, секретар на редакцискиот одбор на Годишниот зборник Биологија, член на редакцискиот одбор на публикацијата Флора при МАНУ (1976) и др. Д-р Петровска се одликуваше со тивка и скромна добронамерност, висок интелект и хуманост. Почина во 2016 г.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.