Пензиониран професор Dr Живко Сековски

Subjects



Biography

Д-р Живко СЕКОВСКИ, редовен професор во пензија, е роден на 26 јули 1948 г. во Смилево, Демир Хисар. Основното образование го завршил во родното место, а средното во Битола. Во учебната 1967/68 г. се запишал на ПМФ во Скопје, група биологија, на која дипломирал во редовниот четиригодишен рок со среден успех 8,36. За асистент на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје е избран во 1972 г., а во 1977 и 1982 г. е преизбран во истото звање. Во учебната 1975/76 г. се запишал на постдипломски студии на Универзитетот во Загреб, во Центарот за постдипломски студии, група биологија, насока биологија на клетка. Со одбраната на магистерската работа под наслов „Цитотаксономска студија рода Ranunculus L. са подручја СР Македоније“ на 23.4.1981 г. се здобил со научниот степен магистер на биолошките науки. Во јули 1985 г. на ПМФ во Скопје успешно ја одбранил докторската дисертација под наслов „Цитогенетски истражувања на родот Ranunculus L. од подрачјето на Македонија“ и со тоа ги исполнил условите за здобивање со научниот степен доктор на биолошките науки. На 14.10.1986 г. е избран за доцент по предметите цитологија на растенијата и анатомија и морфологија на растенијата. За вонреден професор по предметот цитологија, анатомија и морфологија на растенијата е избран во 1991 г., а во 1996 г. е избран за редовен професор по предметите: цитологија, анатомија и морфологија на растенијата и општа ботаника на Институтот за биологија при ПМФ во Скопје. Покрај ангажираноста во наставно-образовниот процес, д-р Живко Сековски активно е вклучен и во научноистражувачката дејност на Институтот за биологија, со проблеми од цитогенетиката на природните популации на одредени растителни родови во флората на Македонија, обработувани преку повеќе истражувачки проекти на Ботаничкиот завод со ботаничка градина. Д-р Живко Сековски активно учествувал во работата на самоуправните органи и разни комисии на Факултетот, во кои бил избиран.

© 2026. Institute of Biology, PMF, UKIM, Skopje.