
Развојот на Институтот за биологија бил проследен со континуирано обновување и збогатување на книжниот фонд на библиотеката. Во јубилејната 2026 година, библиотеката располага со повеќе од 13000 монографски публикации, значаен број наслови на домашни и странски сериски публикации, како и голем број книги, скрипти, практикуми напишани од академскиот кадар на Институтот. Во библиотеката има и примероци од одбранетите докторски дисертации, магистерски и специјалистички трудови, а дел од расположливата литература е добиена и преку Проектот на владата за превод на универзитетски учебници.
Како резултат на размената со списанието на Институтот за биологија Biologia Macedonica (претходно Годишен зборник ‒ Биологија) и сега, како и во минатото, се добиваат најголемиот број наслови, пред сè, на сериски публикации, што резултирало со соработка со повеќе од 150 научни институции, од кои најголемиот дел се од странство. Во последните години се добиени голем број наслови како резултат на подарок и донации на книги од пензионираниот наставен персонал и Институции со кои Институтот за биологија има воспоставено соработка.