Катедра за систематика и филогенија на безрбетници

Познавањето и проучувањето на диверзитетот на безрбетниците, како и следењето на промените во нивната таксономска класификација се од огромно значење имајќи предвид дека овие животни претставуваат најбројна и најразновидна група живи суштества на планетата Земја и играат клучна улога во функционирањето на екосистемите. Токму таксономијата овозможува правилно препознавање, класификација и разбирање на филогенетските односи помеѓу различните групи безрбетници, што е основа за нивно научно проучување и следење. Оттука, научноистражувачката активност на Катедрата за систематика и филогенија на безрбетници (проф. д-р Стое Смиљков, проф. д-р Валентина Славевска-Стаменковиќ и доц. д-р Јелена Хиниќ) се одвива во насока на детално проучување на фаунистичкиот диверзитет на безрбетниците во Р. Северна Македонија имплементирајќи ги современите молекуларно-биолошки алатки во класичните таксономски методи. Дополнително, значителен дел од научната актива на Катедрата е насочен и кон хидробиологијата во чиишто рамки активно се проучуваат природните процеси и состојбите во слатководните екосистеми во земјата со помош на макроинвертебратите. Со оглед на тоа што во Р. Македонија не постои ефикасен систем за процена на еколошкиот статус на водните екосистеми, научниот пристап на Катедрата за систематика и филогенија на безрбетници има значаен придонес во процесот на имплементација на макроинвертебратите како задолжителна компонента во мониторинг студиите.

Во изминатите 20 години активно беа проширувани хоризонтите на дејноста на Катедрата преку отворање нови полиња и области за истражување. На посебно место се издвојуваат визијата и залагањата на наставно-научниот кадар на Катедрата за вклучување на форензичката ентомологија, не само како наставен предмет во додипломските студии, туку и како можност за навлегување во една нова сфера истражувања што се од особена важност, за Институтот за биологија, како и за целокупниот развој на науката во Р. Македонија.

Катедрата за систематика и филогенија на безрбетници, заедно со Катедрата за анимална екологија основаше и поседува импозантна колекција на различни групи акватични и копнени безрбетници, заведена како Macedonian National Collection of Invertebrates (MNCI).


© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.