Oдделение за микологија

На Одделението за микологија (проф. д-р Митко Караделев, проф. д-р Катерина Русевска и ас. м-р Славица Тофиловска Камишевска) главно се истражува микодиверзитетот на Република Македонија, а се вршат и екотаксономски испитувања на поедини видови. Со примена на молекуларни анализи се истражува и филогенијата на одредени групи, пред се на гастеромицетите (Tulostoma, Astraeus, Geastrum) и селектирани родови од еколошката група подземни габи (Tuber, Sclerogaster, ретки видови подземни габи). Една од главните цели на одделението во последните години е проценка на степенот на загрозеност на видови согласно методологијата на IUCN и изработка на црвена листа на видови.

Во рамките на Миколошката лабораторија функционира збирка на габи (фунгариум), заведена како Macedonian Collection of Fungi (MCF) со над 20.000 примероци и со база од над 40.000 податоци за габи (МАКФУНГИ) од Р. Македонија, Балканскиот Полуостров и пошироко.

Дел од опремата во Миколошката лабораторија е обезбедена од научно-истражувачки проекти, како и од донации од повеќе институции (KFOR Liasion Press Centre ‒ Скопје, DLR Internationales Buro ‒ Бон, Германија).

Миколошката лабораторија има постојана меѓународна соработка со научни институции, како што се: Одделот за микологија при универзитет Филипс во Марбург, Германија; Институтот за хемија на дрво во Рига, Латвија; Факултетот за природни науки и уметност при универзитет Селџук во Конја, Турција; Институтот за шумарство од Љубљана, Словенија; Лабораторијата за молекуларна систематика, Кралска ботаничка во Мадрид, Шпанија; Универзитетот Палермо, Италија; Институтот за микробиологија од Универзитетот Инсбрук, Австрија; Одделот за ботаника и истражување на биолошката разновидност при Универзитетот во Виена, Австрија; Лабораторијата за микологија, Одделот за животна средина, Универзитет Аквила, Италија и други.


© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.