Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје организационо припаѓа кон Ботаничкиот завод при Институтот за биологија. На површина од 11 ha растат околу 400 дрвја и грмушки, а во стаклениците има повеќе од 1000 примероци. Таа располага со три стакленици, еден ладилник, лабораторија-училница, летна училница, објект за аклиматизација на ретки и ендемични видови од македонската флора и објект за лековити, зачински и ароматични растенија.
Во последните две децении Ботаничката градина се наоѓаше во прилично лоша состојба, поради недостиг од финансиски и човечки ресурси. Во периодот 2017–2021 година беа реконструирани стакленикот и управната зграда на Ботаничката градина, објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија, како и малиот стакленик. Дополнително беа изградени летна училница за воннаставни едукативни активности и објект за лековити, зачински и ароматични растенија, кој се состои од три оранжерии и отворен дел со подигнати леи. Покрај тоа, Ботаничката градина располага и со опремена лабораторија-училница со микроскопи и нагледни средства, наменети за едукативни активности.
Во Ботаничката градина се одгледуваат автохтони и алохтони растенија за потребите на наставно-образовниот процес, научноистражувачката дејност и заштитата на биолошката разновидност. Во последните години, градината е вклучена и во реализација на воннаставни активности за учениците од основните и средните училишта.
Ботаничката градина е дел од мрежата за искуствено учење од нејзиното воспоставување, од 2022 година, и со своите едукативни програми директно е вклучена во програмата на Бирото за развој на образованието.
Во последните години активно се спроведуваат проекти кои се однесуваат на зајакнување на свеста кај населението, едукација и заштита на растенијата.
Во Ботаничката градина активно работат асистент-истражувач м-р Цветанка Стојчевска, виш лаборант дипл. биол. Оливер Николовски и лаборант Јадранка Црничиќ.
Визија: Македонија ефикасно го чува своето растително богатство преку развивање на научните и образовните потенцијали.
Мисија: Ботаничката градина на ПМФ учествува во конзервација на растителниот свет, ја промовира биолошката едукација и овозможува научни и апликативни истражувања во соработка со други ботанички центри.
Вредности: Научен потенцијал, просторни можности, традиција, единствена ботаничка градина во Македонија, потенцијал од студенти и млади истражувачи.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |