Основна научна преокупација на Одделението за систематика и филогенија на вишите растенија и фитогеографија со фитоценологија (проф. д-р Митко Костадиновски, проф. д-р Рената Ќуштеревска, асс. м-р Сара Вурмеска Цветаноска) претставува истражувањето на флората и вегетацијата на Република Македонија и јужните делови на Балканскиот Полуостров.
Истражувањата се реализирани во рамките на повеќе домашни и меѓународни проекти. Досега се издадени 6 свески од I том на едицијата „Флора на Република Македонија“, во која се обработени ликоподиумовите растенија, членестостеблените, папратите, голосемените и групата Choripetalae од скриеносемените растенија, како и две свески од II том, во која се опфатени дел од фамилиите на групата Sympetalae. Резултатите од таксономските, фитоценолошките и фитогеографските истражувања од флората на Република Македонија се објавени во повеќе меѓународни и домашни списанија. Паралелно со флористичките истражувања, во последните десетина години се реализирани и фитоценолошки истражувања на ливадите, брдските пасишта, високопланинските пасишта, крајбрежната (рипариска) вегетација, хазмофитската вегетација, пионерската вегетација од класата Sedo-Scleranthetea и рудералната вегетација во повеќе региони во Република Македонија (Мариово, Козјак, Плетвар, Сивец, Барбарас, Баба Сач, Лубен, Суво Поле, околина на Велес, Криволак, Галичица, Дебрца, Преспа, Маврово, Шар Планина, Јабланица, Овче Поле, Маркови Кули итн). Посебно внимание е посветено на меѓународната соработка на членовите од Одделението, особено со Биолошкиот институт „Јован Хаџи“ при ЗРЦ САЗУ, Љубљана, во чии рамки се реализирани или се во фаза на реализација три проекти. Во нив се истражувани различни фитоценолошки проблеми што се однесуваат на вегетацијата на едногодишните растенија во транзициската зона помеѓу Евросибирската-Северноамериканската регија, споредување на секундарната грмушеста вегетација во континенталниот и медитеранскиот дел на Балканскиот Полуостров, синтаксономска анализа на пасените терофитски заедници по напуштени ниви во Македонија и во Словенија. Како и меѓународната соработка со Институтот за ботаника при Универзитетот во Инсбрук, Австрија, во рамки на која досега се реализирани два проекти. Фокус на истражувањата кои потекнуваат од оваа соработка се растителните видови од родот Euphorbia на територијата на Македонија, но и пошироко на Балканскиот Полуостров (Бугарија, Албанија, Косово, Романија, Турција). Преку оваа соработка за прв пат на Одделението се воведува мултидисциплинарен пристап во таксономијата на растителните видови, каде покрај класичните морфометриски анализи се воведуваат и молекуларни анализи.
Истовремено со сите наведени истражувачки активности, постепено се збогатува хербариумската збирка, која во 2009 година е заведена како Macedonian National Herbarium (MKNH) и денес брои над 180.000 хербариумски ексикати.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |