Институтот за биологија организира додипломска настава на шесте студиски групи: биологија, биохемија и физиологија, молекуларна биологија со генетика, нутриционизам, екологија, со нова акредитација во 2022 година како екологија и животна средина (тригодишни студии) и двопредметни студии биологија/хемија (заедно со Институтот за хемија). Наставата на Институтот за биологија се изведува во соработка со институтите на Природно-математичкиот факултет, како и со други факултети од земјава.
Студиите се завршуваат по успешно одбранета дипломска работа. Во изминатиот 10-годишен период, на Институтот за биологија дипломирале 438 студенти, со што вкупниот број дипломирани студенти ‒ биолози од почетокот до оваа јубилејна 80-та година изнесува 2 847. Бројот на запишани студенти на сите студиски групи на Институтот за биологија во учебната 2025/2026 г. изнесува 633. Покрај основната дејност за оспособување кадри по биологија, Институтот за биологија учествува и во наставата на одредени студиски групи (насока аналитичка биохемија) на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, како и во наставниот процес на повеќе студиски групи на други факултети: на Факултетот за земјоделски науки и храна, Шумарскиот факултет, Медицинскиот, Стоматолошкиот и на Филозофскиот факултет во Скопје.
Покрај додипломски студии, на Институтот за биологија се организирани и осум насоки на вториот циклус студии (акредитирани во учебната 2017/18 г. и реакредитирани во учебната 2022/23 година), и тоа: 1) едукација во наставата по биологија, 2) екологија, 3) биосистематика, 4) биохемија и физиологија, 5) микробиологија, 6) молекуларна биологија, 7) генетика и 8) форензичка биологија. Студиите се едногодишни и се усогласени со препораките од Болоњската конвенција.
Преку постдипломските студии, кандидатите ги прошируваат знаењата од одделни биолошки дисциплини и се воведуваат во научноистражувачкиот процес. Во едукацијата на овие кадри учествуваат наставниците од Институтот за биологија, наставници од другите институти при Природно-математичкиот факултет, како и од други факултети и научни институции од земјата и од странство. Многумина наставници од Институтот за биологија учествувале (а некои и денес учествуваат) во изведувањето на постдипломската настава и на други високообразовни институции во Македонија.
На Институтот за биологија, а во рамките на Школата за докторски (трет циклус) студии при УКИМ, успешно функционира и Школата за докторанди по биологија. Во рамките на докторските студии постојат четири насоки акредитирани во 2021 година и тоа: насока по биохемија и физиологија, насока по екологија, насока по таксономија и насока по молекуларна биологија, а во тек е и нивна реакредитација. Докторските студии се со времетраење од три години (шест семестри) и овозможуваат едукација на идните доктори по биолошки науки во областа на биохемија и физиологија, биосистематика, екологија и молекуларна биологија. Важно е да се истакне дека во работата на Школата за докторанди учествуваат сите членови на Институтот за биологија, па така, покрај во создавањето на подмладокот, учествуваат и во одржувањето на континуитетот на биолошката мисла во Р. Македонија.
Интензивниот напредок на биолошките дисциплини во времето во кое живееме придонесе за надминување на погледот кон биологијата како дескриптивна и квантитативна наука. Сознанијата за влијанието на развојот на технологијата врз животната средина, но и за молекуларните механизми на животните процеси, овозможија современите откритија во биологијата да најдат широка примена речиси во сите аспекти од решавањето на глобалните проблеми. Токму затоа, истражувањата од оваа област се сконцентрирани во центарот на научната јавност, а биологијата важи за наука на XXI век.
Научноистражувачката дејност на Институтот опфаќа реализација на научноистражувачки проекти од национален и од меѓународен карактер, од кои голем дел под раководство на наставниот кадар на Институтот за биологија. Резултатите од овие истражувања се публикувани во голем број научни и стручни трудови во домашни и странски списанија, како и во многу стручни студии и елаборати. Поконкретни податоци за научноистражувачката активност на Институтот за биологија може да се најдат во описот на Одделенијата кои функционираат во составот на Институтот.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 13 | 14 | 15 | 16 | 17 | 18 | 19 |
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 1 | 2 | 3 |
| 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 |
| 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 |