Катедра за цитологија, хистологија и ембриологија

Научноистражувачката дејност на Катедрата за цитологија, хистологија и ембриологија (проф. д-р Ирена Тавчиовска-Василева, проф. д-р Маја Јорданова и проф. д-р. Катерина Ребок), се одвива главно во насока на интродуцирање на цитолошките, хистолошките и хистопатолошките биомаркери во еколошките мониторинг студии со користење на рибите како биоиндикаторски организми.

Посебно внимание е посветено на ефектот на загадувањето врз здравствениот статус на рибните популации во различни водни екосистеми преку следење морфолошки, хематолошки и хистопатолошки показатели. Поконкретно, како индикатори за генералното здравје на рибите во истражувањата на оваа Катедра се користат кондицискиот фактор и органосоматските индекси. Преку хематолошките истражувања се следи генотоксичното влијание на разни загадувачи врз рибната популација со примена на цитолошки биомаркери, односно со примена на тестот микронуклеус и нуклеарните абнормалности во еритроцитите од периферната крв кај рибите. Хистопатолошките истражувања се однесуваат на хистолошка анализа и детекција на разни патолошки промени ‒ ткивни лезии, главно во висцералните органи кај разни видови риби, од кои посебен акцент е ставен на гонадите, црниот дроб, слезината и бубрезите.

Во рамките на научноистражувачката активност на Катедрата за цитологија, хистологија и ембриологија, во изминатиот 10-годишен период реализирани се неколку проекти од национален и меѓународен карактер. Резултатите од истражувањата на оваа Катедра се презентирани на научни собири и конгреси во земјата и во странство, и се публикувани во домашни и во странски научни списанија.



















© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.