Историјат

Институтот за биологија структурно е составен дел на Природно-математичкиот факултет во Скопје (единица на УКИМ). Тој е средиште на високообразовната настава, на научните и апликативните истражувања во областа на биологијата.

Институтот за биологија (како Катедра или Институт за биологија) постои од 1946 година, со основањето на Природно-математичкиот оддел во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1958 година, Природно-математичкиот оддел се оддели од Филозофскиот факултет и прерасна во одделен Природно-математички факултет. Институтот за биологија беше во состав на Природно-математичкиот факултет сè до 1976 година. Со универзитетските реформи, во 1976 година, Институтот за биологија се трансформира во самостоен Биолошки факултет во рамките на Универзитетскиот центар за биолошко-биотехнички науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рамките на Катедрата за биологија, односно Институтот за биологија, во 1952 година почна организирањето ботаничка градина, а во 1977 година таа се издвои како самостојна работна единица во состав на Заводот за ботаника, од кога и датира името Завод за ботаника со Ботаничка градина. Од 1985 година, со процесите на рационализација во високото образование, петте самостојни факултети (Математички, Факултет за физика, Хемиски, Биолошки и Географски) одново се обединија во Природно-математичкиот факултет.


Основоположници

Основоположници на наставната и научната дејност на Институтот за биологија се плејада познати наставници од повеќе универзитетски центри во тогашната СФР Југославија: д-р Синиша Станковиќ, д-р Милутин Радовановиќ, д-р Сима Гроздановиќ, д-р Стева Јаковлевиќ, д-р Иван Ѓаја, д-р Брана Миловановиќ, д-р Стјепан Хорватиќ, д-р Иво Хорват, д-р Вале Воух, д-р Иво Певалек, д-р Ванда Кохански-Девиде, д-р Мирослав Зеи и д-р Ернест Маер. Свој придонес во едукацијата на кадри на Институтот дадоа и многу професори од факултетите во Скопје: д-р Ружа Вернер, д-р Никола Мицев, д-р Ружица Главиниќ, Славе Хаџишче и други наставници што одржуваа настава по предметите физика, хемија, математика, биостатистика, педагогија, психологија и методика.

Наставната дејност на Институтот за биологија (тогаш Катедра за биологија) почнала со тројца наставници што ја изведувале целокупната активност во врска со организацијата и изведувањето на наставата (практичната и теоретската). Денес, на Институтот за биологија се вработени 45 лица. Во наставно-научно и во соработничко звање работат: 25 редовни професори, 2 вонредни професори, 2 доценти, 7 асистенти и 1 асистент истражувач. Како стручни соработници се ангажирани 4 виши лаборанти, 1 виш лаборант за биолошка збирка, 1 виш лаборант во Ботаничка градина и 1 лаборант во Ботаничка градина. Исто така, во наставата учествуваат и надворешни соработници од други институти при Факултетот, како и од други факултети. Во работата на Институтот учествува и еден советник за библиотечно работење на Институтот за биологија.


Организација

Според научната и наставната област на интерес, наставничкиот и соработничкиот кадар на Институтот е организиран во заводи: Ботанички завод со ботаничка градина, Завод за молекуларна биологија, генетика и микробиологија, Завод за експериментална физиологија и биохемија, Завод за цитологија, хистологија и ембриологија до 2023 година кога поради кадровски дефицит престана да функционира, а членовите се приклучија кон веќе постоечкиот Завод за зоологија.

Во изминатата деценија, со заводите раководеле: со Ботаничкиот завод со Ботаничка градина, проф. д-р Рената Ќуштеревска (2016‒2020 г.), проф. д-р Славчо Христовски (2020‒2023 г.) и (2023‒2026 г.); со Заводот за експериментална физиологија и биохемија, проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска (2016‒2020 г.), проф. д-р Билјана Миова (2020‒2023 г.) и проф. д-р Никола Хаџи-Петрушев (2023‒2026 г.); со Заводот за зоологија, проф. д-р Дана Прелиќ (2017-2020 г.), проф. д-р Милица Ристовска (2020-2023 г.) и проф. д-р Александра Цвветковска-Ѓорѓиевска (2023-2026 г.); со Заводот за цитологија, хистологија и ембриологија, проф. д-р Катерина Ребок (2016‒2020 г.) и (2020‒2023 г.), а со Заводот за молекуларна биологија, генетика и микробиологија, проф. д-р Наталија Атанасова-Панчевска (2016‒2020 г.) и (2020‒2023 г.) и проф. д-р Славица Јосифовска (2023-2026 г.).

Во последните 10 години, раководители на Институтот за биологија биле: проф. д-р Гордана Димеска (2016‒2020 г.) и проф. д-р Рената Ќуштеревска (2020‒2023 г.) и (2023‒2026 г.).


© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.