Одделение за екологија на растенијата и заштита на животната средина

Во работата на Одделението за екологија на растенијата со заштита на животната средина се вклучени проф. д-р Славчо Христовски, доц. д-р Даниела Јовановска, асистент м-р Марија Чобанова и техничкиот соработник дипл. инж. биол. Виолета Бошковска.

Научноистражувачката дејност на Одделението во последната деценија е насочена кон современи и интегративни пристапи во екологијата, со посебен акцент на екосистемски истражувања, пределна екологија и заштита на природата во Македонија. Истражувањата се фокусирани на структурата, функцијата и динамиката на копнените екосистеми, како и на нивната отпорност и ранливост под влијание на антропогените притисоци и климатските промени. Научните податоци претставуваат основа за креирањето на политики и носењето на одлуки, па токму затоа, во последните пет години Одделението активно го воспоставува концептот за екосистемски услуги на национално ниво, придонесувајќи со развој на бројни методи за проценка на состојбата на екосистемите и екосистемските услуги кои тие ги обезбедуваат.

Посебно внимание се посветува на влажните екосистеми, кои претставуваат значајни жаришта на биолошка разновидност и играат клучна улога во регулацијата на хидролошките процеси и складирањето на јаглерод. Во овој контекст, се спроведуваат истражувања на флористичкиот и вегетацискиот диверзитет, проценка на биомаса, екохидрологија, анализа на почвите, како и проценка на екосистемските услуги што влажните екосистеми ги обезбедуваат. Дополнително, се анализираат влијанијата од промени во користењето на земјиштето, хидролошкиот режим и загадувањето врз функционирањето и стабилноста на овие чувствителни системи. Во рамките на пределната екологија, Одделението развива истражувања насочени кон анализа на пределната структура, просторната хетерогеност и функционалната поврзаност на екосистемите на различни просторни нивоа. Овие истражувања опфаќаат картирање и класификација на живеалишта, примена на географски информациски системи (GIS) и далечинска детекција, моделирање на просторни и временски промени, како и проценка на влијанијата од антропогените активности врз пределите, со цел поддршка на одржливо управување. Активностите во областа на заштитата на природата се насочени кон идентификација, валоризација и мониторинг на подрачја со висока природна вредност, проценка на статусот на живеалиштата и видовите, како и изработка на научни основи за нивна заштита, управување и реставрација. Одделението активно придонесува во национални и меѓународни иницијативи за зачувување на биолошката разновидност. Дополнително, се развиваат истражувања поврзани со екофизиолошки адаптации на растенијата, вклучувајќи студии за акумулација на тешки метали и нивното значење во контекст на екосистемските процеси и биоремедијацијата, како и мултидисциплинарни пристапи кои ги интегрираат биолошките, хемиските и просторните податоци.


© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.