Одделение за анимална екологија

Одделението за анимална екологија реализира наставна, научно-истражувачка, стручна и апликативната дејност од областа на екологијата на животните, со посебен акцент на копнената безрбетна фауна. Носител на работата на одделението е проф. д-р Александра Цветковска-Ѓорѓиевска.

Наставниот процес се реализира преку предметите Анимална екологија, Општа екологија, Основи на екологија, Хумана екологија, Екологија на антропогени екосистеми, Зоогеографија, Популациска екологија, Биоми и Математичко моделирање во екологијата. Преку овие предмети се овозможува продлабочено разбирање на еколошките процеси, организацијата на живиот свет и нивната поврзаност со факторите на животната средина.

Научно-истражувачката дејност на одделението главно се базира врз фаунистички, зооценолошки и еколошки анализи на различни групи терестрични безрбетници. Активностите се насочени кон проучување на диверзитетот, екологијата и конзервацијата на копнените безрбетници, со посебно внимание на тврдокрилците (Coleoptera), вклучително и сапроксилните видови, кои се препознаени како чувствителни индикатори за состојбата на шумските екосистеми. Истражувањата кои се спроведуваат во рамки на одделението опфаќаат проучување на видовиот состав, анализа на фенологијата на видовите и нивната просторна дистрибуција, популациски анализи, проучување на структурните и функционални карактеристики на биоценозите, анализи на сличност на заедниците, проучување на функционалните особини на видовите, како и нивната улога во метаболичките процеси на екосистемите. Дел од истражувањата се посветени на промените во структурата и функционалните одлики на заедниците под влијание на фрагментација на живеалиштата, урбанизацијата и климатските варијации вдолж височински градиенти во планински екосистеми. Воедно, активностите на одделението се насочени и кон анализа на концентрацијата на тешки метали во почвите и нивниот пренос во синџирот на исхраната во агроекосистемите.

Апликативната дејност на одделението опфаќа активности поврзани идентификација на предели со високи природни вредности, вреднување на природните подрачја и поддршка на нивната заштита и управување. Во рамките на овие активности се реализираат студии за ревалоризација на заштитени подрачја, како и студии за еколошка проценка на влијанија врз животната средина.

Соработката со домашни и меѓународни институции претставува значаен сегмент од дејноста на одделението, при што се учествува во иницијативи поврзани со следење на состојбата на биолошката разновидност, како и развој на современи пристапи за нејзино проучување. Во тие рамки се вклучуваат и активности насочени кон примена на нови технологии како вештачка интелигенција во мониторингот на копнената безрбетна фауна.

Покрај научната и стручната работа, се посветува внимание и на развојот на млади кадри преку менторирање на студентски истражувања и вклучување во проекти што опфаќаат анализа на диверзитетот, дистрибуцијата, екологијата и однесувањето на безрбетната фауна.

Во рамките на одделенијата за Анимална екологија и Систематика и филогенија на безрбетници постои импозантна колекција на различни групи акватични и копнени безрбетници, заведена како Macedonian National Collection of Invertebrates (MNCI).


© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.