Катедра за споредбена анатомија

Катедрата за споредбена анатомија (редовен проф. д-р Милица Ристовска) ја насочува својата научно-истражувачка активност кон ихтиологијата, со посебен фокус на раниот онтогенетски развиток на рибите и морфолошката анализа на кранијалниот и посткранијалниот скелет. Применетиот методолошки пристап овозможува детално следење на морфолошките и функционалните промени кај рибите во текот на нивниот ран развој, со што се добиваат значајни сознанија за врската помеѓу онтогенијата, екологијата и адаптивните процеси. Истражувањата на катедрата придонесуваат и кон утврдување на стабилни морфолошки карактери важни за таксономска дистинкција, што овозможува подобро разбирање на биолошката разновидност на ихтиофауната во водните екосистеми во Република Северна Македонија.

Покрај фундаменталните истражувања, катедрата активно е вклучена во апликативни проекти насочени кон мониторинг на биодиверзитетот, изработка на планови за управување со заштитени подрачја, учество во процесите на дезигнирање на Натура 2000 подрачја и валоризација на природните вредности. Посебен сегмент претставуваат истражувањата поврзани со алохтоните и инвазивните видови, нивната детекција и проценка на ризик, при што се користат современи алатки како FISK и AS-ISK. Во својата работа катедрата активно ги следи и применува европските стандарди и директиви во областа на заштитата на природата и управувањето со водите, со што придонесува кон усогласување на националните практики со меѓународните критериуми.

Како резултат на континуираната научно-истражувачка активност, реализирани се бројни студии и проекти, објавени се научни трудови од областа, а постигнатите резултати се презентирани преку активно учество на домашни и меѓународни конгреси и научни собири.












© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.