Катедрата за анимална физиологија, екофизиологија и ензимологија е една од трите катедри на Заводот за експериментална физиологија и биохемија при Институтот за биологија. Катедрата е основана од Проф. д-р Ристо Бузалков, а негов следбеник е проф. д-р Славчо Митев. Денес, на оваа катедрата се вработени двајца редовни професори (Проф. д-р Сузана Диневска - Ќовкаровска и Проф. д-р Биљана Миова) и еден асистент (Ас. м-р Елена Рафаиловска).
Наставната дејност на оваа катедра започнува со предметот Споредбена (Анимална) физиологија, се проширува со предметот Анимална екофизиологија, а потоа збогатена и со изведување настава на следните предмети - Ензимологија, Применета физиологија, Вовед во лабораториски методи, Исхрана и метаболизам, Култура на анимални ткива и Екотоксикологија, сите за студенти од прв циклус студии, како и голем број предмети за студенти од втор и трет циклус студии на Институтот за биологија.
Научно-истражувачка дејност - Од почетокот на основањето на катедрата, истата е препознатлива по истражувања од областа анималната физиологија и екофизиологија, а поконкретно, влијание на висока надворешна температура врз низа физиолошки механизми кај хомеотермните организми (бели лабораториски стаорци), со посебен акцент на нивна аклиматизација на умерена хипертермичка средина. Во ова истражувачка област, испитувани се пред сè ефектите на ниво на јаглехидратниот метаболизам, како на ниво на некои ендокрини жлезди и хормони (пред сè на ниво на тироидната и адреналните жлезди). Сите овие промени се следени на биохемиско ниво (ензимска активност и концентрација на супстрати), а потоа и на молекуларно ниво (промени во генска експресија на клучни протеини) на ниво на различни ткива и органи (црн дроб, бубрег, срце, мускули, панкреас). Последните истражувања од оваа област се фокусирани на топлотно прекондиционирање, вкрстена толеранција и промени во генската екпресија на стрес протеините (heat shock proteins – HSP),
Научно-истражувачката работа на катедрата покасно е проширена во областа на експериментален дијабет кај анимални модели на лабораториски стаорци. Во оваа област реализирани се низа истражувања за третман на екперименталниот дијабет со некои фармаколошки индуктори на HSP (никотинамид и аспирин), како и третман со разни растителни екстракти кои поседуваат антихипергликемичен ефект. За истакнување се истражувањата за потенцијалните антихипергликемични ефекти на екстракти од трансгени корени од Hypericum perforatum L. и на масло од CBD врз ензими и супстрати од јаглехидратниот метаболизам, редокс процесите, како и промени на ниво на низа сигнални патишта поврзани со дијабетот.
Најновите истражувања на оваа катедра се од областа на култура на анимални ткива. Имено, како резултат на реализиран проект BioМakerSpace (финансиран од Фонд за иновации, а како носител Македонското биолошко друштво), во 2024 година е основана Лабораторија за култура на анимални ткива. Едукацијата на вработените на катедрата за техники од оваа област се реализираше на Медицинскиот факултет во Валенција (Шпанија).
Во изминатиот период, катедрата презема и одредени истражувачки активности и од областа на екотоксикологијата и акумулацијата на тешки метали во различни ткива и органи кај единки од природна популација.
Катедрата за анимална физиологија, екофизиологија и ензимологија има обемна и плодна научно-истражувачка работа, реализирани се голем број научно-истражувачки проекти и студиски престои на наставниот кадар, уште од нејзиното
основање па до денес. Во последните 20 години успешно се одбранети околу 6 докторски дисертации, околу 15 магистерски работи и повеќе од 40 дипломски работи. Добиените резултати од научно-истражувачката дејност на катедрата се публикувани во домашни и меѓународни часописи (околу 45 трудови, од кои 35 во часописи со фактор на влијание), како и околу 70 учества на домашни и меѓународни конгреси и конференции во последните 20 години.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |