Катедра за молекуларна биологијa и геномика

Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика (проф. д-р Сашо Панов и проф. д-р Славица Јосифовска) започнала со работа во 1998 година, но во 2021 година била целосно инфраструктурно обновена според најсовремените стандарди за медицински лаборатории. Со научно-истражувачкиот проект од посебен јавен интерес финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. како и донации и средства обезбедени од Факултетот во вкупен износ од над 300.000 евра се набавени голем број софистицирани инструменти за молекуларно-генетски и геномски анализи.

Меѓу обврските кои произлегуваат по завршувањето на проектот е лабораториските ресурси да нудат функционална, практична помош на јавните установи. Потенцијалот за здравствена дејност од областа на молекуларната дијагностика произлегува пред сѐ од повеќедецениската научно-истражувачка и применувачката дејност, како и искуството во високото образование на сите три нивоа: прв, втор и трет циклу. Најголемиот дел од кадарот кои се носители на дејноста и/или извршители на анализите во молекуларно-дијагностичките лаборатории во повеќето јавни и приватни здравствени и научни установи во земјава се едуцирани токму во Лабораторијата. Двајцата професори кои се вклучени во работата на Лабораторијата имаат одбрането докторски дисертации од областа на молекуларната биологија (молекуларно-генетски биомедицински теми), искуство во спроведување на лабораториски анализи за потребите на јавното и приватното здравство во текот на последните 20 години, како и објавено бројни стручни и научни публикации со фактор на влијание.

Во Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика се спроведуваат напредни молекуларно-дијагностички анализи, главно со употреба на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (скратено - NGS) кај различни онколошки состојби. Се работи за едни од најсовремените и најсофистицирани генетски анализи со кои се утврдува присуството на различни генски мутации на туморската DNA од ткивни примероци од тумори кај онколошките пациенти. Стручното интерпретирање на податоците за поединечните мутации и нивното комбинирано присуство во испитуваниот примерок може да помогне на онкологот при најсоодветниот избор на целната (таргетирана) и друга онколошка терапија, следењето на текот на болеста и други важни клинички одлуки.

Со унапредување и апликативна работа на Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, условите за практична работа на студентите се подигнати на ниво на странските универзитети. Достапноста на современи апарати, овозможува членовите на Институтот да планираат истражувања или проекти кои вклучуваат молекуларно-биолошки техники кои наоѓаат активна примена во сите биолошки области.

Соработката со лаборатории од странство овозможува постојан напредок според стандардите кои се применуваат кај нив. Преку со нив се градат ресурсите и воведуваат анализи, а со цел да се зголеми научноистражувачка и применувачка компетитивност со посовремена и софистицирана опрема, како и едукација и подобрена обученост за нови техники на тимот на Лабораторијата. Фокусот на идните истражувања е во согласност, не само со целите на Националната стратегија за истражување, туку и со регионалните, националните и европските истражувачки приоритети кои ги одредуваат темите на меѓународните истражувачки проекти. Крајната цел е преку објавувањето во списанија со рецензија и учество на меѓународни конференции, да се дисеминираат резултатите на меѓународно ниво, промовирајќи ја македонската наука.









© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.