Д-р Љупчо МЕЛОВСКИ (1958-2019), редовен професор, е роден на 30 јуни 1958 г. во Гостивар. Основното образование го завршил во Скопје, а средно образование во гимназијата „Р Ј. Корчагин“ во Скопје. Во 1977 г. се запишал на Биолошкиот факултет во Скопје, а дипломирал на истиот факултет во 1981 г. со дипломска работа од областа на систематиката на вишите растенија. Во 1984 г. е примен како приправник на Биолошкиот факултет (Ботанички завод) ‒ Скопје во Одделението за екологија на растенијата каде што работи и денес. Уште на почетокот бил вклучен во научната и наставната работа на Институтот, а во 1986 г. е избран за помлад асистент и реизбран во истото звање во 1990 г. За асистент на Ботаничкиот завод при Институтот за биологија на ПМФ ‒ Скопје бил избран во 1992 г. и преизбран во 1995 г. За доцент бил избран во 1997 г., за вонреден професор во 2002 г., а за редовен професор во 2007 г. Бил вклучен во реализацијата на практичната настава по предметот екологија на растенијата и други сродни предмети, како и други општобиолошки предмети. Од изборот за доцент до денес држел настава од повеќе еколошки предмети (екологија и екофизиологија на растенијата и заштита на животната средина). Во наставата на еколошката насока на институтот вовел и изведувал повеќе нови предмети: екологија на терестричните екосистеми, биогеохемиски циклуси, пределна екологија и дел од екологија на антропогените екосистеми. Од самиот почеток бил вклучен во изработката на научноистражувачкиот проект „Комлексни екосистемски истражувања на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во Националниот парк ’Галичица‘“, од кој произлегла и неговата магистерска работа „Динамика на шумската простирка, годишен пад, брзина на разградување и ослободување на CO2 од почвата на македонскиот дабов плоскачево-церов екосистем во Националниот парк ’Галичица‘“ (1991 г.), како и докторската дисертација „Кружење на биоелементите во македонскиот плоскачево-церов екосистем во Националниот парк ’Галичица‘“ (1996 г.). Учествувал во изработката на повеќе од 15 научноистражувачки проекти и бил раководител на три. Од тоа произлезе објавување на повеќе од седумдесетина научни трудови. Бил вклучен во многу стручни проектни активности од апликативен карактер, особено од областа на биодиверзитетот и конзервацијата на природата. Учествувал во изработката на Законот за заштита на природата на РМ, Националната стратегија за заштита на биодиверзитетот, како и многу стручни студии од областа на заштитата на животната средина за различни делови на Македонија и други држави од Југоисточна Европа. Бил член на Македонското еколошко друштво од 1984 г. и негов претседател во периодот 2001-2013 г. Во рамките на Друштвото покажал многубројни активности од областа на подигањето на јавната свест за еколошките проблеми, а раководи и со проекти финансирани од странски фондации. Почина на 29.04.2019 г.