Асс. м-р Јелена Хиниќ е родена на 20.04.1994 година во Скопје каде го завршила основното и средното образование. Првиот циклус студии ги запишала во академската 2012/2013 година на Природно-математичкиот факултет, насока: молекуларна биологија. Додипломските студии ги завршила прва во својата генерација, со просек 9,00, здобивајќи се со стручниот назив дипломиран молекуларен биолог. Во академската 2016/2017 се запишала на втор циклус студии на Природно-математичкиот факултет, на студиската програма екологија и таксономија, при што по завршувањето на сите обврски од студиската програма (60 ЕКТС) со просечна оценка 10,00 на 24.06.2020 го одбранила својот магистерски труд и се стекнала со звањето магистер по биологија (екологија). Во ноември 2020, се запишала на трет циклус (докторски) студии на Институтот за биологија, на студиската програма екологија, под менторство на проф. д-р Валентина Славевска Стаменковиќ.
За потребите на нејзиниот магистерски труд, м-р Хиниќ отстварила четири истражувачки престои во странство. Така, во март 2017 година и јануари 2018 година, престојува на Природно - математичкиот факултет при Универзитетот во Загреб, Хрватска во лабораторијата на проф. д-р Младен Кучиниќ. Како добитник на CEEPUS стипендија, во периодот мај-јуни 2018 година, таа реализирала едномесечен престој на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Приштина во лабораторијата на проф. д-р Халил Ибрахими. Молекуларно-биолошките анализи од својата магистерска работа ги изработила во Лабораторијата за молекуларна екологија кај проф. д-р Михал Грабовски на Универзитетот во Лоџ, Полска, каде престтојувала во периодот од 14.01. до 14.02.2019 година.
Уште за време на првиот циклус студии, па сѐ до денес, м-р Хиниќ ја изведува практичната настава на Институтот за биологија при Катедрата за Систематика и филогенија на безрбетници. Покрај изведувањето на практичната настава, м-р Хиниќ е вклучена и во научно-истражувачката работа на Катедрата, активно учествувајќи во речиси 30 научни проекти на полето на фаунистички диверзитет и хидробиологија. Оригиналните научни резултати ги презентирала во научни соопштенија на повеќе од 25 меѓународни и домашни конгреси и симпозиуми. М-р Хиниќ била автор и коавтор на 14 научни трудови публикувани во меѓународни научни списанија, некои од нив со фактор на влијание.
https://www.researchgate.net/profile/Jelena-Hinic