In memoriam д-р Кирил Мицевски

Предмети



Биографија

Академик Кирил МИЦЕВСКИ (1926–2002 г.), редовен професор, е роден во Скопје на 29.4.1926 г., каде што го завршил основното и гимназиското образование. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, група биологија во јануари 1951 г., кога е избран за асистент на Ботаничкиот завод. Во 1954 г. бил на специјализација кај познатиот фитоценолог проф. д-р Стјепан Хорватиќ во Загреб каде што ја усовршил методиката на фитоценолошките истражувања. Докторската дисертација „Типолошки истражувања на вегетацијата на низинските ливади и блата во Македонија“ (1958 г.) ја одбранил на Филозофскиот факултет во Скопје. За доцент е избран во 1958 г., за вонреден професор во 1964 г., а за редовен професор во 1970 г. Наставно-педагошката активност на академик Кирил Мицевски е обемна, плодна и содржајна. На матичниот факултет одржувал настава по предметите систематика и филогенија на вишите растенија и фитогеографија, како и на Вишата педагошка школа во Скопје, Вишата земјоделска школа и Филозофскиот факултет во Приштина. Бил ментор или член на комисија на голем број магистерски трудови и докторски дисертации. Тој е основоположник на современите флористички и вегетациски истражувања во Република Македонија. Објавил над 120 научни трудови, кои се цитирани во меѓународната ботаничка периодика. Во вегетациските трудови комплетно е истражена водната вегетација на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, блатната вегетација на некогашните големи блатни површини, ливадска вегетација, халофитската и степоликата вегетација, како и дел од вегетацијата на брдските пасишта. Особено значење имаат двете монографии што се однесуваат на вегетацијата на Малеш и Пијанец, како и Планината Бистра. Основна преокупација во научноистражувачката дејност на академик Кирил Мицевски претставува флората на Р. Македонија. Опишал голем број таксони нови за науката – видови (45), подвидови, вариетети и форми од територијата на Р. Македонија. Тој е автор на шесте свески од делото „Флората на Република Македонија“, во кои современо и критички е обработен голем дел од флората, при што се ревидирани сите податоци што се наведуваат во флористичката литература на Македонија. Академик Кирил Мицевски во два наврати бил раководител на Биолошкиот институт, раководител на Ботаничкиот завод, претседател на советот на ПМФ и др. Бил претседател на проектниот совет „Вегетациска карта на Југославија“, претседател на друштвото на биосистематичарите на Југославија, член на советот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, член во редакциски одбори на повеќе списанија (Годишен зборник – Биологија, ACTA, Разгледи, Прилози– МАНУ и други). Одликуван е со Медал на трудот (1957 г.), Орден на трудот со златен венец (1969 г.), добитник на наградите „13 Ноември“ (1961 г.) и „Гоце Делчев“ (1999 г.), Златна плакета и повелба на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (1984, 1988 г.), спомен плакета на ПМФ во Скопје, повелба на Природно-научниот музеј на Македонија, благодарница на Хидролошкиот завод во Охрид (1985 г.) и други. Академик Кирил Мицевски беше еден од водечките балкански флористи и фитоценолози, креативен и неуморен истражувач, кој со зрелоста на своите научни потфати и добиените резултати ја афирмира македонската наука на меѓународната научна сцена. Во 1974 г. е избран за дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1979 г. нејзин редовен член. Во 1995 г. беше избран за дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите. Во 1987 г. е пензиониран по силата на законот за предвремено пензионирање, со навршени 60 години. Почина на 6.2.2002 г. во Скопје.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.