In memoriam д-р Ристо Бузалков

Предмети



Биографија

Д-р Ристо БУЗАЛКОВ (1927-2019), редовен професор, е роден во Башино Село, Велешко, во 1927 г. Основното образование го завршил во родното место, а средното (гимназија) во Велес во 1946 г. Истата година се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје – група за биологија, на која дипломирал (со одличен успех) во февруари 1951 г. и истата година бил избран за асистент при Физиолошкиот завод на Катедрата за биологија. Докторирал во 1960 г. Истата година бил избран за доцент, во 1966 г. за вонреден професор, а во 1971 г. за редовен професор по споредбена физиологија. Во 1987 г. по сила на закон (со 60 години старост) заминал во пензија. Во текот на работниот век, д-р Бузалков бил на специјализација (повеќе месеци) во познати физиолошки лаборатории: во Физиолошкиот завод на ПМФ во Белград (1957/58 г.) кај акад. Иван Ѓаја, во Лабораторијата за физиологија на Природонаучниот музеј во Париз (1961/62 г.) кај академик Морис Фонтен и во Физиолошкиот институт на Медицинскиот факултет во Западен Берлин (1964/65 г.) кај проф. д-р Ото Гауер. Од 1963 г. д-р Бузалков е член на Association des physiologists de la langue francais. Учеството на д-р Бузалков во наставно-образовниот процес е повеќе од евидентно. Покрај наставата за биолози на ПМФ во Скопје, во текот на учебната 1962/63 г. одржувал настава и на ПМФ во Приштина, а од учебната 1974/75 г. (12 години) одржувал настава по физиологија за студентите по психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил ангажиран и во постдипломската настава на Институтот за биологија, а повремено и на Медицинскиот факултет (поглавје „Терморегулација и биоенергетика“). Мошне забележлива е и научноистражувачката активност на д-р Бузалков. Тој е автор на над 140 научни трудови печатени во домашни и во странски научни списанија. Цитиран е во неколку странски списанија и во учебникот Textbook of General Physiology (1964 г.). Под негово менторство се изработени и успешно се одбранети две докторски дисертации и два магистерски трудови, а бил член на повеќе комисии за оценка и одбрана на докторски дисертации. Во текот на работниот век, д-р Бузалков извршувал и важни функции: бил раководител на Заводот за физиологија, шеф на Институтот за биологија, продекан на ПМФ и декан на Биолошкиот факултет. Бил проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, учесник на VI ректорска конференција во Москва на универзитетите од СФРЈ и СССР како проректор на Скопскиот универзитет (1985 г.). Во 1984 г. на гостувањето во Софија (во БАН и на Софискиот универзитет) ја предводел делегацијата од областа на природните науки на ПМФ од Скопје. Добитник е на највисокото општествено признание во земјава – наградата „11 Октомври“ за животно депо од областа на науката за 1987 г. Носител е и на други општествени признанија, спомен-плакети, споменици и благодарници по разни поводи. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец. Во 1987 г. е пензиониран по силата на законот за предвремено пензионирање, со навршени 60 години. Во изминатиот период бил рецензент на една докторска дисертација и во коавторство објавил учебник „Споредбена физиологија на животните“. Почина во 2019 г. 

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.