Д-р Марина ГЕОРГИЕВСКА (1935–2001 г.), редовен професор, е родена во Белград на 2.11.1935 г. Основното и средното образование го завршила во Скопје. Во 1954 г. се запишала на Природно-математичкиот оддел (група биологија) при Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирала во 1959 г. Во март 1960 г. била избрана за асистент на Зоолошкиот завод на ПМФ во Скопје. Во учебната 1965/1966 г. се запишала на постдипломски студии на еколошко-таксономска насока на Природно-математичкиот факултет во Загреб. Постдипломските студии ги завршила во април 1970 г. со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Нематоди во почвата на ass.Castanetum sativae macedonicum на Водно“, со што се стекнала со звањето магистер по биолошки науки. Во февруари 1978 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје ја одбранила докторската дисертација под наслов „Нематоди во почвата на заедниците Quercetum fametto-cerris, Orno-Quercetum petraeae и Fagetum submontanum на Скопска Црна Гора и нивното биоценотско значење“, со што се здобила со научниот степен доктор на биолошки науки. Во ноември 1978 г., д-р Георгиевска била избрана во звањето доцент по предметот анимална екологија со зоогеографија, а во 1985 г. во звањето вонреден професор по истиот наставен предмет. Во 1990 г. била избрана во звањето редовен професор на ПМФ во Скопје. Изведувала настава по предметите анимална екологија со зоогеографија, општа екологија, органска еволуција и биологија (за студентите од Фармацевтскиот факултет). Д-р Георгиевска најзначителен белег оставила во комплексното проучување на фауната на нематодите во Македонија и дел од балканските простори. Нејзината научноистражувачка активност главно се базира врз таксономско-еколошки анализи и зоогеографско реонирање на нематодните комплекси. Вредно е да се истакне дека д-р Георгиевска е еден од пионерите во истражувањата на почвената мезофауна и основоположник на лабораторијата за почвена зоологија. Д-р Георгиевска престојувала на Зоолошки оддел на Институтот за биологија при Универзитетот во Љубљана и во „Природњачки музеј“ во Белград, каде што се запознала со основните истражувања на почвената фауна и на Институт за зоосистематика на Универзитетот во Будимпешта, каде што ги совладала техниките за идентификација на нематодните комплекси. Д-р Георгиевска зад себе оставила дваесетина научни трудови од областа на почвената екологија. Во периодот од 1983 до 1985 г. била раководител на Зоолошкиот завод, а од 1987 до 1989 г. Шеф на Институтот за биологија. Како долгогодишен генерален секретар на Друштвото на еколозите на Југославија (1986–1990 г.), активно учествувала во реализацијата и во координирањето на работата на Друштвото. Учествувала на симпозиумите за почвената фауна (од 1970 до 1987 г.), како и во организациските одбори на конгресите во рамките на Друштвото на еколозите на Југославија (1973–1988 г.), подоцна и на Друштвото на еколозите на Македонија (1988 г.) и Друштвото на биолозите на Македонија (1996 и 1998 г.). По долготрајно боледување, почина на 5.10.2001 г.