Пензиониран професор д-р Нада Митева

Предмети



Биографија

Д-р Нада МИТЕВА, редовен професор во пензија, е родена на 7.9.1947 г. во Пехчево. Основното и средното образование ги завршила во Скопје. Во учебната 1966/67 г. се запишала на ПМФ во Скопје, група – биологија, и успешно го завршила во 1970 г. По дипломирањето се вработила како професор во Средното економско и Средното медицинско училиште во Скопје. Во 1972 г. д-р Митева се вработува на Биолошкиот факултет во Скопје, во својство на договорен асистент, во 1973 г. е примена за стажант при Институтот за зоологија на Биолошкиот факултет, а во 1975 г. е избрана за асистент. Во учебната 1974/75 г. се запишала на постдипломски студии и својата магистерска работа ја одбранила во 1978 г. Во текот на 1985 г., д-р Митева престојувала неколку месеци во Заводот за хистологија на Медицинскиот факултет во Гетеборг и во Заводот за патологија при болницата Hudinge во Стокхолм. Својата докторска дисертација под наслов „Цитоморфолошки карактеристики на адреналниот кортекс, црниот дроб и семениците кај стаорци во услови на хипертермија“ ја одбранила во 1987 г., при што се здобила со звањето доктор по биолошки науки. За доцент била избрана во 1988 г., во 1993 г. била избрана во звањето вонреден професор, во звањето редовен професор била избрана во 1998 г., а реизбрана во 2003 г., звање со кое се пензионирала во 2012 г. Д-р Митева учествувала во изведувањето на наставата по предметите општа биологија и биологија со хумана генетика за студентите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет, радијациона биологија за студентите од Медицинскиот факултет, насока виши рендген-техничари, како и предметите методика на наставата по биологија и хистологија и ембриологија со анатомија на човекот за студентите од Институтот за биологија при ПМФ. Била вклучена и во изведувањето на наставата на вториот и третиот циклус. Нејзината плодна наставна дејност резултира со објавување 8 книги и интерни скрипти за потребите на студентите од Институтот за биологија. Научната проблематика што била од интерес на д-р Митева главно се однесувала на хистофизиолошки истражувања на ендокриниот систем. Нејзиниот научен интерес е ориентиран кон изучување на цитоморфолошките и делумно хистохемиските карактеристики на одделните ендокрини жлезди кај бели лабораториски стаорци од родот Wistar во експериментални услови. Покрај тоа, д-р Митева вршела и цитоморфолошки испитувања на црниот дроб кај претставници од Teleostea, особено на Охридската пастрмка. Резултатите од нејзината плодна научна работа се објавени во повеќе од 60 научни труда и соопштенија, кои ги презентирала на голем број научни собири, конгреси и симпозиуми, како во земјата, така и во странство. Во рамките на своите истражувања била учесник во 4 проекти, раководител на еден проект, ментор на 4 магистерски трудови, ментор на една докторска дисертација и ментор или член на комисија на над 100 дипломски работи. Д-р Нада Митева била шеф на Институтот за биологија, во неколку наврати била раководител на Зоолошкиот завод, била претседател на Комисијата за полагање стручен испит по биологија за наставниците-приправници во основното и средното образование при Министерството за образование и наука, член на многу комисии на Институтот за биологија, како и член на многу Факултетски комисии.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.