Д-р Милка ШОПОВА (1924–2012 г.), редовен професор, е родена во Дебар во 1924 г. Основно образование завршила во Дебар, а гимназија во Скопје. Во 1946 г. вонредно го завршува едногодишниот курс за прогимназијални учители и се здобива со звањето наставник. Во учебната 1950/51 г. се запишува на Филозофскиот факултет, група биологија, и како вонреден студент го завршува на почетокот на 1955 г. со највисок просек на Факултетот (среден успех 9,63), за што добива и парична награда. За одлично изработената дипломска работа во 1955 г. ја добила Наградата „13 Ноември“. Од 1945 до 1956 г. била ангажирана како учител и наставник во осмолетки и гимназии во повеќе градови низ Македонија. Во 1956 г. е избрана за асистент по предметот анатомија и морфологија на растенијата на Филозофскиот факултет во Скопје. Покрај редовниот практикум со студентите, истовремено ѝ била доверена наставата по предметите морфологија на растенија и методика на наставата по биологија. Како стипендист на Британскиот совет престојува 10 месеци на специјализација во Институтот John Innes Hartford Hertz (Англија) кај познатиот цитогенетичар проф. Дарлингтон, каде што се запознава со методологијата од областа на цитогенетиката, една од најактуелните гранки на генетиката во тој период. Повторно како стипендист на Британскиот совет, во 1965 г. реализира студиски престој во Институтот за генетика при Универзитетот во Бирмингем, Англија. Во 1961 г. ја одбранува докторската дисертација под наслов „Анатомско-морфолошки карактеристики на растенијата во природни и експериментални услови во зависност од степенот на влажноста и аерацијата на супстратот“ и се здобива со звањето доктор на биолошките науки. Во 1962 г. е избрана за доцент по предметот анатомија и морфологија на растенијата, во 1967 г. за вонреден професор по истиот предмет и доделена ѝ е наставата по генетика, а во 1973 г. за редовен професор по истите предмети. Во 1971 г. е повикана два месеца во петниот семестар да држи одбрани предавања од областа на цитогенетиката на Универзитетот во Meryland, САД. Во 1978 г., по покана, држи серија предавања по цитогенетика на Универзитетот во Краков, Полска. Од изборот за асистент во 1956 г. сè до денес д-р Шопова има напишано повеќе од 130 научни трудови, публикувани во странски и во домашни списанија со интернационален карактер. Со повеќе од 20 реферати има учествувано на југословенски и светски научни собири. Исто така, има објавено „Генетска терминологија“, 5 учебници за средни школи и 9 стручни трудови што се однесуваат на генетскиот аспект на планирањето на семејството. Д-р Шопова држела предавања од областа на генетиката на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Филозофскиот факултет (група психологија), како и на постдипломските студии на Природно-математичкиот, Медицинскиот, Стоматолошкиот и Земјоделскиот факултет. Во овој период, д-р Шопова била максимално ангажирана и со разновидни општествени дејности, на пример: член на Главниот одбор на синдикатите на Македонија; претседател на Друштвото на генетичарите и облагородувачите на Македонија (во два мандати); претседател на Сојузот на генетичарите на Југославија (1983–1987 г.). За целокупната наставно-научна и општествена дејност д-р Шопова има добиено голем број пофалници и благодарници: Орден на трудот со златен венец, а во 1983 г. и наградата „11 Октомври“ за животно депо. Пензионирана е во 1981 г.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |