Д-р Петар АНГЕЛОВСКИ (1943–1999 г.), редовен професор, е роден на 16 септември 1943 г. во с. Луково, Кратовско. Основното образование го завршил во Злетово, а средното во Струмица. По матурирањето во 1963 г. се вработил во ЗИК „Овче Поле“ во Свети Николе, каде што како земјоделски техничар работел една г. Во 1964 г. се запишал на ПМФ во Скопје, група биологија, завршувајќи ги студиите во 1968 г. за неполни 4 години. За асистент на Институтот за биологија при ПМФ бил избран истата г., вклучувајќи се веднаш во наставната и во научноистражувачката дејност на Зоолошкиот завод. Во учебната 1972/73 г. се запишал на постдипломски студии на ПМФ на Сеучилиштето во Загреб, насока хидробиологија, во рамките на кои ја пријавил и ја одбранил во 1975 г. магистерската работа под наслов „Sastav i dinamika populacije i biomase hironomida kamenitog stanista Dojranskog jezera“ и со тоа се здобил со научниот степен магистер на биолошките науки. На почетокот на 1976 г. на ПМФ во Скопје пријавил тема за изработка на докторска дисертација под наслов „Хирономидната фауна на Дојранското Езеро“, што ја одбранил во 1980 г. Истата година бил избран за доцент по предметот органска еволуција. Во периодот 1981–1983 г. ја вршел функцијата продекан на Биолошкиот факултет. Во 1986 г. бил избран за вонреден професор, а во 1992 г. за редовен професор по предметите Invertebrata и органска еволуција. Покрај обемната наставна работа, д-р Ангеловски постигнал значајни резултати и во научноистражувачката работа. Голем бил неговиот придонес во хидробиолошките истражувања на копнените води, особено во таксономијата и екологијата на хирономидната фауна, поради што престојувал извесно време во хидробиолошката лабораторија во Загреб и во Институтот за биолошки истражувања „Синиша Станковиќ“ во Белград. Како резултат на тоа, автор бил на повеќе научни трудови и учесник на повеќе научни и стручни собири. Д-р Ангеловски починал во 1999 г.
| П | В | С | Ч | П | С | Н |
|---|---|---|---|---|---|---|
| 20 | 21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 |
| 27 | 28 | 29 | 30 | 31 | 1 | 2 |
| 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 |
| 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 |
| 17 | 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 |