Редовен професор на Одделението за екологија на растенија и животна средина, каде што предава предмети од областа на растителната екологија и екологија на екосистемите. На студиите од прв циклус е ангажиран по повеќе предмети: Екологија на растенијата, Растителна екофизиологија, Екологија на терестрични екосистеми и Абиотички фактори.
Магистрирал во 2004 година на тема „Деградација на мртвата органска материја во буковиот екосистем Calamintho grandiflorae-Fagetum во Националниот парк Маврово“. Докторската дисертација под наслов „Фитомаса и примарна продукција во буковиот екосистем Calamintho grandiflorae-Fagetum во Националниот парк Маврово“ ја одбранил во 2007 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Примарен фокус на научно-истражувачката работа е проучување на структурата и функционирањето на терестрични екосистеми, почнувајќи со шумските екосистеми, а подоцна со ливадски и влажни екосистеми. Значителен дел од истражувачката работа е посветен и на проучување и заштита на биолошката разновидност. Покрај тоа, работи и на проблеми поврзани со загадувањето на животната средина, особено загадување на почви и води со тешки метали и други загадувачки материи.
Автор или коавтор е на над 140 научни трудови, како и неколку скрипти, стручни монографии и стратешки документи.
Во тек на студиите бил активен член на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), од неговото формирање, а во 1996 бил негов претседател. Соработката со ИДСБ ја остварува и денес со помагање на студентите биолози во нивното оспособување за изведување теренски и лабораториски истражувања, како и во пишувањето научни трудови. Претседател е Македонското еколошко друштво (МЕД) - Скопје. Учествувал во организацијата на седумте Конгреси на еколозите на Македонија со меѓународно учество. Секретар е на уредувачкиот одбор на меѓународното списание Macedonian Journal of Ecology and Environment (https://mjee.org.mk/).
ORCID: https://orcid.org/0000-0002-9467-6575