In memoriam д-р Дана Прелиќ

Биографија

Д-р Дана ПРЕЛИЌ (1963-2023), редовен професор, е родена на 4.7.1963 г., во Прага, Чешка, а основното и средното образование ги завршила во Скопје. Дипломирала на Биолошкиот факултет во Скопје, во 1986 г. Од ноември 1987 г., стапила на работа на Зоолошкиот завод како приправник ‒ помлад асистент, на Одделот за анимална екологија. По изборот како помлад асистент, била вклучена во изведувањето на практичната настава од предметот анимална екологија со зоогеографија, додека во одделни семестри или континуирано ја изведувала практичната наставата по предметите: Invertebrata; типологија на животни II; хистологија и ембриологија; математика со биометрија за студентите по биологија и математика за студентите на двопредметната насока биологија/хемија; биологија со хумана генетика, за студентите од Стоматолошкиот и Медицинскиот факултет; биологија за студентите од Фармацевтскиот факултет и општа екологија за студентите од ИСИЖС при Машинскиот факултет. Магистрирала во 1995 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со трудот под наслов: „Структура на заедницата на почвената макрофауна во дабовиот екосистем (ass. Quercetum-frainetto-cems Oberd.1948, et. H-at 1959) во Националниот парк Галичица“. Докторската дисертација под наслов: „Структура на заедницата на почвената макрофауна во буковиот екосистем во Националниот парк „Маврово“ во споредба со плоскачево-церовите екосистеми во Македонија“, ја одбранила во 2002 г., на ПМФ во Скопје. По изборот за доцент, ја изведувала теоретската настава од предметите: анимална екологија со зоогеографија, општа екологија, екологија на антропогени екосистеми, основи на екологија и еволуција, популациона екологија, математичко моделирање во екологијата, биоми и педобионти. Во коавторство изработила 11 скрипти и практикуми. Во одделението за анимална екологија, под нејзино менторство, од областа на екологијата на природните екосистеми и урбаната екологија, биле изработени и одбранети стотина дипломски работи. Д-р Прелиќ била ментор на две магистерски работи и една докторска дисертација и член на рецензентска комисија за одбрана на 8 магистерски работи и 4 докторски дисертации. Досега објавила 42 научни трудови од областа на шумската екологија, анималната екологија и екологијата на урбаните екосистеми. Д-р Прелиќ била раководител на два проекта и учествувала во реализација на 30-тина научноистражувачки и стручно-апликативни проекти. Резултатите од истражувањата од областа на терестричната и урбаната екологија ги презентирала на 50-тина научни собири во земјата и во странство. Научната актива на д-р Прелиќ главно се базира на истражувања на терестричните инвертебрати во шумски екосистеми, со посебен акцент на определувањето и измената на структурните одлики на заедниците. Исто така, за првпат, со соработниците започнала истражувања од областа на урбаната екологија преку следење на просторно и временско варирање на терестричната макрофауна, инвентаризирање на видовото разнообразие по должината на различните градиенти во градот Скопје, околуградските биотопи и во биотопите надвор од градот. Во однос на стручно-апликативната дејност, д-р Прелиќ активно учествувала во изработката на еколошката насока на Институтот за биологија. Била долгогодишен член на претседателството на Македонското еколошко друштво и негов активен член и секретар на Редакцискиот одбор на списанието „Екологија и заштита на животната средина“. Д-р Прелиќ била координатор на еколошката насока во два мандати, член на комисиите за постдипломски студии, нострификација на дипломи и комисија за студентски прашања и молби при Институтот за биологија. Почина на 11.12.2023 г.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.