Редовен професор д-р Гордана Димеска

Биографија

Д-р Гордана Димеска, редовен професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје  е родена во Куманово каде завршила основно образование. Средно медицинско училиште, отсек за медицински лаборанти и санитарни техничари, во МУЦ ,,Д-р Панче Караѓозов”  завршила во 1978 година. Дипломирала на Биолошкиот факултет при УКИМ, Скопје во 1983 год. На Институтот за биологија е вработена како помлад асистент на група предмети од област на Ботаника во 1987 год., а во 1996 год., ги завршува постдипломските студии со одбрана на магистерскиот труд под наслов:  ,,Цитотаксономски истражувања на родот Vicia L. (fam. Fabaceae) од територијата на Р. Македонија”. Во 2002 год., ја одбранила докторската дисертација под наслов ,,Ефектите од јонизирачкото зрачење врз развојот на баклата  (Vicia faba L.)”. За доцент е избрана 2002 година, во научните области Генетика и Ботаника (Цитологија, Анатомија и Морфологија на растенија), за вонреден професор 2007 година а за редовен професор во 2012 година. Во 2017 година е реизбрана во истото звање.

Од 2003 до 2005 година била раководител на Ботанички завод со ботаничка градина, од 2010 до 2016 година била раководител на Завод за молекуларна биологија, генетика и микробиологија, а од 2016-2020, раководител на Институтот за биологија.

Од аспект на наставната дејност ангажирана е по предметите, Генетика,  Цитогенетика, Популациона генетика, Цитологија и морфологија на растенија и Клеточна биологија на прв циклус студии. На втор и трет циклус студии има повеќе предмети од област на Генетика.

Учесник во голем број национални и меѓународни проекти, симпозиуми, конгреси, семинари, работилници, телевизиски проекти за модернизирање на наставата по биологија итн.

Научна дејност- како автор или коавтор објавила голем број трудови и соопштенија од научните области – генетика, цитологија на растенија, анатомија на растенија, а потесни области на истражување се цитогенетика, цитотаксономија и мутагенеза, и тоа индуцирање мутации,

Коавтор е и на повеќе учебници за основно и средно образование како и бројни скрипти по предметите кои ги предава.

Ментор е на 4 докторски дисертации, 15 магистерски работи, и голем број дипломски трудови.

© 2026. Институт за биологија, ПМФ, УКИМ, Скопје.